„Прасето кое сакаше да биде птица“ - летна кон врвот

„Прасето кое сакаше да биде птица“, цртаниот филм на македонската ОХО продукција, е финалист на престижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International“ што се одржува во Минхен, Германија. Сценариото и режијата се на Елеонора Венинова, анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски, илустрации на Тхе Мичо, музиката на Мите Димовски, а продуцент е Пеце Талески.

Во конкуренција од 400 пријавени детски програми од 60 земји во светот, „Прасето кое сакаше да биде птица“, цртаниот филм на македонската ОХО продукција, влезе во дваесетте финалисти во категоријата на играни програми за публика до шест години на престижниот светски фестивал „Prix Jeunesse International“ што повеќе од пет децении се одржува во Минхен, Германија.

Приказната за „Прасето кое сакаше да биде птица“ дојде од некоја идеја да направам цртан кој што практично ќе им покаже на децата дека не треба да се обидуваат да бидат нешто што не се, односно да се прифатат такви какви што се.
Елеонора Венинова, сценарист и режисер на „Прасето кое сакаше да биде птица“.

Сценариото и режијата за ова остварување се на Елеонора Венинова, анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски, илустрации на Тхе Мичо, музиката на Мите Димовски, а продуцент е Пеце Талески.

„Изборот на „Прасето кое сакаше да биде птица“ меѓу најдобрите на светот, а чии продуценти сме ние од ОХО, за нас е убаво признание. Чисто за споредба ние не успеавме да најдиме дека некој од нашево опкружување во изминативе два-триесет години успеал да влези во финалето на „Prix Jeunesse International“. Се разбира дека е тоа признание и за македонската творечка мисла и шанса едноставно да се мериме со продукции како што се прочуените „Улицата Сезам“, руската „Маша и Медо“, Графало, Телетабиси, Дора-истражува...оние на Дизни, Би-Би-Си, ЗДФ или конечно со познатите скандинавски продуценти кои доста инвестираат во продукциите за деца“, вели Талески.

Тој дополнува дека се обиделе да раскажат приказна како тие гледаат на тоа да се биде различен. И, кога ова е веќе познато, не чуди кога Елеонора Венинова ќе рече дека таа влегла во проектот со идеја да направи цртан филм кој ќе им покаже на децата дека не треба да се обидуваат да бидат нешто што не се.

„Приказната за „Прасето кое сакаше да биде птица“ дојде од некоја идеја да направам цртан кој што практично ќе им покаже на децата дека не треба да се обидуваат да бидат нешто што не се, односно да се прифатат такви какви што се што мислам дека е многу важна порака што треба да им се даде ним додека растат. Тоа е главната нишка која што ме водеше меѓу раскажувањето на приказната, но не секој цртан филм, особено комерцијалните, мора и треба да има некоја таква да кажеме порака или многу јасна тема, меѓутоа цртаните кој што ги прават ОХО и кој што јас сакам да ги правам сакам да имаат таква порака во себе.“

Венинова појаснува дека ова за неа бил навистина интересен почеток затоа што претходно немала големо искуство со анимација.

„Открив дека ова е многу убав жанр. На некој начин поинтимен во смисла на тоа дека се работи со помалку луѓе, тимот барем во наши услови е помал, и остава повеќе можност за да работи фантазијата. Во конкретниот цртан филм ние си играме со ќивотни како главни ликови. Да го снимите тоа би било практично невозможно. Од таму анимираниот филм е нешто што би сакала да го работам многу повеќе во иднина.“

Инаку, „Прасето кое сакаше да биде птица“ по премиерното прикажување на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола беше прикажан на уште неколку фестивали како „Zlin Film Festival“ во Република Чешка и „Seoul Guro Internacional Kids Film Festival“ во Јужна Кореја, а во мај годинава креативниот тим ќе патува во Минхен и ќе биде дел од церемонијата на прогласувањето на победниците во секоја категорија на т.н Оскари за детска телевизиска продукција, како што ја нарекуваат во светот, и која во баварската метропола се одржува во изминативе пет децении.

Кон ова само уште информацијата дека продукцијата ОХО на оваа голема меѓународна манифестација со своите остварувања е присутна во последниве 10 години, а кога сме веќе кај нив да кажеме и тоа дека тие неодамна ја продадоа франшизата на својата популарна детска серија „Пет плус“ на Словенечката национална телевизија. Ова подразбира дека приказните кои досега на децата кај нас им беа достапни на македонски и албански, наскоро ќе бидат етимувани за најмладите од тоа подрачје на словенечки јазик. Епизодите ќе бидат снимани во текот на летото во Скопје со познати тамошни актери.