Македонија годинава со нова одбранбена стратегија

Заканите од тероризам, бегалските кризи, стратешките приоритети за членство во НАТО и ЕУ, зајакнувањето на АРМ, дел од новата Стратегија за одбрана.

Република Македонија годинава ќе донесе нова Стратегија за одбрана, која, како што велат од Министерството за одбрана, ќе биде заснована на визија усогласена со новите безбедносни предизвици и потребата за долгорочно и континуирано зајакнување на оперативната способност и готовност на АРМ.

Во прв план тоа се однесува на некласичниот тип на војни предизвикани од разни терористички групации и секако во најново време бегалските кризи кои се случуваат заради одредени борбени дејствија на територијата во Регионот и подалеку.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

Од Министерството за одбрана информираат дека клучните фактори кои ќе имаат влијание на новата Стратегија, се динамичните промени во поширокото безбедносно опкружување на државата, стратегиските надворешно политички приоритети, како членството во НАТО и во Европската унија, потребите за развој и одржување на повисоко ниво на интероперативни воени способности и повисоко ниво на буџетска поддршка со ресурси.

Во изработката на Стратегијата за одбрана, што ја донесува Претседателот и Врховен командант Ѓорге Иванов, освен Министерството за одбрана се вклучени и Собранието, Владата, Министерство за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи, а се вршат консултации со НАТО и ЕУ.

Стратегијата за безбедност на Македонија треба да се заснова на новите безбедносни предизвици, вели Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност.

„Во прв план тоа се однесува на некласичниот тип на војни предизвикани од разни терористички групации и секако во најново време бегалските кризи кои се случуваат заради одредени борбени дејствија на територијата во Регионот и подалеку, како што сме сведоци во овој момент со европската бегалска криза која е предизвикана на територијата на Сирија и Ирак, а има директни импликации врз Република Македонија. Значи од тој аспект асиметричните закани по безбедноста на Република Македонија треба да бидат во прв план во креирањето на Стратегијата за безбедност“, вели Марковски.

Последната Стратегија за одбрана Македонија ја донесе во 2003 година. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин смета се доцни со донесувањето на новата Стратегија, со оглед на тоа дека стратешкиот безбедносен концепт на НАТО е усвоен уште во 2010 година на Самитот во Лисабон.

„Овие концепти се усвојуваат во интервал од 10-тина години, затоа што светот се менува, геополитиката се менува, геополитиката на Балканот е во целона промена. Од една страна се соочуваме со бројни безбедносни опасности, како што се новите методи на тероризмот, бегалската криза, опасностите од климатските промени, корупцијата, трафикантите, оружјето и друго“, вели Ружин.

Овие елементи, вели тој, влијаат Македонија и другите држави од Регионот, да пристапат кон нов безбедносен стратешки концепт.

Од Министерството за одбрана посочуваат дека Република Македонија има добро развиена законска и стратегиска рамка за безбедност и одбрана, како и добро воспоставен систем на долгорочно одбранбено планирање, програмирање, буџетирање и извршување.

Оттаму велат дека стратегиската одбранбена рамка која ги вклучува Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за менаџирање со кризи, Националната концепција за безбедност и одбрана на Републиката, Националната безбедносна стратегија, Стратегијата за одбрана и Долгорочниот план за развој на одбраната на Република Македонија, се изработени и усогласени со земјите на НАТО Алијансата и од тој аспект законската регулатива во Македонија ги исполнила сите стандарди и предуслови за интеграција во НАТО.