Долгови и празна трпеза

Семејството Соколски од Прилеп живее во руинирана куќа, на една плата која не стигнува само за сметки и стари долгови. Трпезата им е скромна, а здравјето на родителите нарушено.За нив досега ниту една институција не покажа интерес.

Куќата им се распаѓа, таванот може да им се сруши врз главите секој момент, при секој дожд, вода им тече низ покривот, по ѕидовите. Вратите зјаат, низ прозорците дува, па речиси и да не останува топлина во малата собичка, каде оганот гори само кога има искршени суви гранки собрани крај реката. Со страв, неизвесност, несигурност, во глад и сиромаштија, страдања и солзи е полна оваа руинирана куќа на четиричленото семејство Соколоски од Прилеп. Мајката Васе Соколоска се чувствува немоќна и разочарана од животот, што ги пречекува и испраќа своите деца со празна или трпеза на која се сервира само леб, компири и маргарин.

Кога ќе врне нема чадорчиња, нема обувки, облека и така и така, што ни даваат луѓе и за храна и за прехрана, од луѓе, од кај сестра, брат, комшии. И здравствената состојба со сопругот не ни е добра, страдам од дијабет, висок притисок, отежнато дишење, не можам да одам, не сум работоспособна.
Васе Соколоска од Прилеп.

„Кога ќе врне нема чадорчиња, нема обувки, облека и така и така, што ни даваат луѓе и за храна и за прехрана, од луѓе, од кај сестра, брат, комшии. И здравствената состојба со сопругот не ни е добра, страдам од дијабет, висок притисок, отежнато дишење, не можам да одам, не сум работоспособна“, вели мајката Васе.

Живеат со нешто повеќе од 3000 денари, зашто со наплата на извршните решенија за стари долгови за струја и вода, толку им остануваат. Васе е дијабетичар, а има и други здравствени проблеми, но таа не оди на контроли, бидејќи кредитот што го подигнале пред години, додека била хоспитализирана во Клиничкиот центар во Скопје, се уште не можат да го исплатат. Сопругот Жарко жилаво се бори со животот, како градежен работник и на студ и на пеколни жештини работи за сатница од 50 денари. Но, не секогаш може да ја оствари и нормата. А, вели барал помош од секаде.

„Десет илјади и 800 денари платата ми е, и во моментов плаќам за струја 2.000 и 3.300 за вода и со другите задршки некаде околу 6.000-7.000 денари идат целосно задршки, па за живот дома од 3.000-4.000 денари повеќе не се. Кој ми верува, имам и позајмено. некаде имам вратено многу помалку, а имам и долгови кај пријатели, другари“, вели таткото Жарко.

Помалата ќерка Марија има 12, а поголемата Мартина има 16 години, учи средно медицинско училиште и сонува да биде доктор, за да се грижи за здравјето на своите родители и посебно за сиромашните граѓани. Деновите на стравотна сиромаштија, кога не можат со својата сестричка да се радуваат на празниците, на новата година, на родендените, таа ги полни со проза. Ја напиша својата прва книга и веќе има понуда за спонзорство од една печатница. Со денови во студ, пешачи до своите роднини кои живеат на другиот крај од градот, за да го внесе ракописот во компјутер, бидејќи нема свој. Мартина сонува со отворени очи, сонот веќе го испиша во нова тетратка...И се надева дека нејзиното семејство ќе добие помош,а таа стипендија, дека ќе го продолжи школување, и своето семејство ќе го извлече од оваа беда.

А, родителите исплашени за здравјето, животот, за судбината на своите деца, молат за помош. Овие луѓе живеат на раб на егзистенцијата, за нив ниту една институција не покажа интерес.

Доколку сте во можност да им помогнете, контактирајте го ова семејство на тел:075565573 или уплатете им донација на трансакциска сметка: 200002981031443 во Стопанска банка А.Д. Скопје-филија Прилеп, на име Васе Соколоска.