Македонскиот Парламент не успеа да ја пронајде својата улога како законодавна власт која би имала критички осврт на владините политики и би била во функција на граѓаните, а не на партиите, велат експертите. Парламентот, според нив се соочува со низа значајни обврски кои не може да ги исполни. Од потпишувањето на Договорот од Пржино, клучните одлуки за реформите во земјата се носат надвор од Парламентот, а тој се користи само за меѓусебни препукувања и обвинувања на пратениците.
Не е само Собранието блокирано, туку и сите институции каде непосредно се соочуваат власта и опозицијата. Блокирана се министерствата каде има технички министер од опозицијата, блокирани се и министерствата каде има дополнителен заменик министер.Стојан Андов, поранешен претседател на Парламентот.
Поранешниот претседател на Парламентот и пратеник, Стојан Андов вели дека сите институции, вклучително и Собранието кои се дел од Договорот од Пржино се наоѓаат во криза и сите активности се запрени или забавени.
„Не е само Собранието блокирано, туку и сите институции каде непосредно се соочуваат власта и опозицијата. Блокирана се министерствата каде има технички министер од опозицијата, блокирани се и министерствата каде има дополнителен заменик министер“, смета Андов.
Професорот и поранешен пратеник Нано Ружин се присетува дека за разлика од денес Парламентот за време на конфликтот во 2001 година придонел за стабилизација на државата. Но сега, според него, Парламентот не е конструктивен, не настојува да изнајде решение, да биде флексибилен и да биде во функцијата на стабилизирање на државата, туку напротив се уште владејачката коалиција упорно го кочи неговото функционирање во донесувањето на реформите предвидени со Договорот од Пржино.
„Од друга страна гледаме блокада на анкетните комисии. Постојано тапкање на место што на извесен начин ја маргинализира желбата на меѓународната заедница и на оние партии кои што настојуваат да дојде до поголема имплементација на договорот од Пржино и да се реализираат сите зацртани цели. Затоа сметам дека во овој миг Парламентот не игра некоја значајна улога“, вели Ружин.
Андов додава дека кризата произлегува од потписниците на Договорот од Пржино.
„Пред се, преовладува тука улогата на ВМРО-ДПМНЕ. Според тоа, кризата се продлабочува како што предвидуваме. Кризата нема да се реши ако има избори на 24 април. Фактички ќе се продлабочи недовербата на дел од населението и ќе се заострат пошироко односите во општеството ако се одржат такви избори кои опозицијата не ги прифаќа“, вели Андов.