Нема институција во која нема корупција

Од судство до школство, корупција има во сите институции, велат анкетираните граѓани. Дел од нив дале мито за да им се заврши одредена работа, други пак пријавиле корупција, но не биле преземени никакви мерки. За да постои ефикасна борба со корупцијата, институциите треба да се ослободени од политиката.

Во институциите во Македонија има корупција, особено во најважните како судството, здравството, образованието, велат граѓаните кои ги анкетиравме за нашата рубрика Хајд Парк. Дел од нив рекоа дека им се има случено да дадат поткуп за побрзо да завршат некоја работа, а други пак дека кога им било побарано го пријавиле случајот.

Да, за да ни забрзаат процес во една општина за урбанизација ни побараа мито. Ги пријавивме и уште ништо нема од тоа, не се преземени никакви мерки.
Анкетиран граѓанин.

„Во сите институции има. Од судство до школство, нема институција во која нема корупција. Јас сум пензионерка и не сум имала таков случај, но има луѓе кои ми кажувале дека им барале за некоја работа да им завршат, толку и толку пари.“

„Овие административниве што им се важни на луѓево, тие не ти викаат директно дај пари, него не ги извршуваат работите и после два три пати кога одиш, кога треба да им однесеш макар и сто или двесте грама кафе, ќе ти ја свршат работата. Мислам стварно е страшно.“

РСЕ: Дали сте имале искуство некој да ви побара мито?

„Да, за да ни забрзаат процес во една општина за урбанизација ни побараа мито. Ги пријавивме и уште ништо нема од тоа, не се преземени никакви мерки“, велат анкетираните граѓани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сè живо корумпирано?

Околу можностите и шансите за подобрување на состојбата во однос на корупцијата треба да се има предвид дека тоа е директно поврзано со капацитетот на целиот институционален систем, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски. Тој додава дека за да постои ефикасна борба и спречување на корупцијата, треба да постојат институции кои се ослободени од стегите на политиката.

„Во тој контекст би ја сместил и позицијата на Државната комисија за спречување на корупцијата, која ете по којзнае кој пат ќе констатираме дека несоодветно функционира, дека ја нема буквално во фронтот насочен во борбата против корупцијата што веќе е констатирано и од експерти, од институции и од домашната и надворешна јавност. Значи ни се провлекува констатацијата дека работата на антикорупциската Комисија денес и во изминативе години е невидлива и дека нема некој сериозен ефект во општите заложби во борбата против корупцијата“, вели Малиновски.

Во најновиот извештај на Транспаренси интернешнал, Македонија е рангирана на 66 место според индексот на перцепција на корупцијата меѓу 168 земји во светот.