Во извештајот се наведува дека македонската владејачка партија била вмешана во изборна измама и експанзивно прислушување, со што го влошила политичкиот ќор сокак со опозицијата.
„На крајот тоа ја натера ЕУ да се вмеша и да договори предвремени избори за годинава“, се наведува во извештајот на Фридом хаус во кој Македонија забележа негативен тренд.
Политичките слободи се оценети со четири, додека оние граѓанските со тројка.
Македонија доби надолен тренд за откритија во врска со изборите во 2014 година, што предизвика опозицијата да го бојкотира парламентот и новите информации во врска со скандалот за надзор врз политички и верски лидери, новинари, како и приватни лица.
Арч Падингтон е потпретседател и истражувач во Фридом хаус. За Гласот на Америка ги коментира причините зошто Македонија го загуби статусот на изборни демократии:
„Поради мерките кои ги презема премиерот Груевски со фактот дека изборите не се одржаа како што беше планирано, поради голема политичка поларизираност во земјата, поради генералното авторитарно владеење од владата на Груевски, поради падот на слободата на печатот, како и поради напнатоста меѓу двете етнички заедници – Македонците и Албанците“, изјави овој виш аналитичар од Фридом хаус.
Што може да ја извади земјата од оваа состојба? Падингтон со став:
„Одржување на добри и искрени избори ќе помогне во тој правец. Македонија како и другите балкански држави има аспирација за членство во ЕУ. Тоа подразбира исполнување одредени критериум. Имам впечаток дека владата која до сега беше на власт не е заинтересирана за исполнување на тие критериуми и не е заинтересирана за слободата на печатот, за корупцијата...спроведува квази-авторитарно владеење, а ЕУ тоа не го бара од потенцијалните членки. Ако земјата е сериозна за членството во ЕУ, треба да го промени курсот“, оцени Падингтон.
Што се однесува до другите негативни трендови во регионот се наведува дека на Косово, пратениците кои се противат на договорот за нормализирање на односите со Србија, неколку пати ја прекинуваа парламентарна дебата со солзавец во собраниската сала и со фрлање јајца врз пратениците од владејачката партија.
Владата во Босна и Херцеговина попречена од, како што наведува Фридом хаус, сложена, неефикасна рамка воспоставена со мировниот договор од 1995 година, остана неспособна за справување со немилосрдните опструкции и ендемската корупција.
Светот во 2015 година беше погоден од голем број кризи кои ги разгореа ксенофобичните чувства во демократските земји, ги поткопаа економиите на земјите зависни од продажбата на природните ресурси, и ги водеше авторитарните режими да се справуваат со оние што не се согласуваат со нив.Фридом хаус
Тензиите дополнително беа отежнати кога функционери во Република Српска, една од двете конститутивни ентитета во државата, ги отфрлија надлежностите на федералната полиција и судовите и почнаа да планираат референдум за легитимноста на националното судство.
Ваквите проблеми ги спречија натамошните демократски придобивки во овие три земји и направија пристапувањето кон ЕУ да остане далечна перспектива.
Спротивно на тоа, напредокот на Црна Гора кон ЕУ му нанесе штета на имиџот на Унијата како испорачувач на добро владеење и демократски норми поради тоа што владата на премиерот Мило Ѓукановиќ и натаму ги санкционира независните медиуми.
Од земјите во регионот Србија и Хрватска се во групата слободни земји.
Инаку, бројот земји, определени како слободни изнесува 86, што претставува 44 отсто од 195 држави во светот и во нив живеат скоро 2,9 милијарди луѓе, или 40 отсто од светското население. Бројот на слободни земји е намален за три од претходната година.
Бројот на земји квалификувани како делумно слободни остана на 59, или 30 насто од сите земјии во нив живеат помалку од 1,8 милијарди луѓе, или 24 отсто од вкупниот население во светот. Бројот на делумно слободни држави се зголемил за четири од претходната година.
Вкупно 50 земји се сметаат за неслободни, што претставува 26 проценти од државите во светот. Бројот на неслободните земји е намален откако Зимбабве од неслободна мина во делумно слободна.
Три земји од слободни преминаа во делумно слободни: Доминиканска Република, Лесото, и Црна Гора.
Светот во 2015 година беше погоден од голем број кризи кои ги разгореа ксенофобичните чувства во демократските земји, ги поткопаа економиите на земјите зависни од продажбата на природните ресурси, и ги водеше авторитарните режими да се справуваат со оние што не се согласуваат со нив.
Овие вознемирувачки настани придонесоа за пад во слободите во светот што е десетта година по ред.