Промовиран романот „Утринска молитва“

Петко Шипинкаровски, писател.

„Утринска молитва“ е насловен седмиот роман на писателот Петко Шипинкаровски, што како издание на „Македонија презент“ и „Феникс“, се појави неодамна. Станува збор за четиво во кое писателот , публицист, драмски автор, есеист и книжевен критичар ја воздига универзалната порака за градењето мостови на пријателството, доверба и љубовта меѓу народите и државите.

Во „Утринска молитва“, својот седми роман, писателот Петко Шипинкаровски влегува во виорот на Втората светска војна и тематски се бави со геноцидот на фашизмот, односно хитлерова Германија врз еврејско население. Во тој период, на 11 март во 1943 година, од Битола, Штип и Скопје, во злогласните логори во Полска, особено во Треблинка, од Македонија се однесени 7.130 Евреи од кои само малкумина успеале да се спасат. Приказната во делото почнува и завршува во градот под Пелистер, а дејството се одвива и во Белград, Струга и во некои места од соседна Албанија. Главниот лик Естер Меир е битолска Еврејка и таа е стожерот на збиднувањата на другите приказни и ликови што се надополнуваат, надоградуваат и дорекуваат.

Со ова мое четиво сакав да оставам една порака дека во овие наши краишта, не само кај Македонецот туку и кај останатите народи коишто судбински се врзани и живеат овде, во дадена прилика не гледајќи кој што е и од која вера и нација е, проработува хуманоста и успеваат да му дадат помош на човекот кој се наоѓа во зла судбина.
Петко Шипинкаровски, писател.

„Со ова мое четиво сакав да оставам една порака дека во овие наши краишта, не само кај Македонецот туку и кај останатите народи коишто судбински се врзани и живеат овде, во дадена прилика не гледајќи кој што е и од која вера и нација е, проработува хуманоста и успеваат да му дадат помош на човекот кој се наоѓа во зла судбина“,вели Шипинкаровски.

И, кога ова е веќе познато, не чуди кога промоторот Васил Тоциновски забележува дека „среќата и радоста, подемот и поразот, смртта и поразите подеднакво и постојано ги доближуваат народите едни кон други“. Иако животот е еден и неповторлив, постојано го уриваат војни, болести, делби и преселби, но наспрема нив се градат нови мостови на пријателство, доверба, соработка и љубов меѓу народите и државите – пишува тој.

Од друга страна, Марина Мијаковска забележува дека „преку вметнување писма и делови од документи авторот на книгата и дава сериозен и службен тон, а со тоа документарното останува да се истражува за целта на романот, но и да биде извор за натамошно реконструирање на приказната како сведоштво за цвеќето на нацизмот како зло во целиот свет“. Таа посочува дека „приказната од индивидуална прераснува во универзална, затоа што се однесува на молитвата за сите жртви чии животи згаснале во пепелта на најголемото зло во светот“.

„И во ова мое дело, впрочем како и во претходните, целта ми беше не само приказната да се дознае туку за да направи онака вистински, со сите нишани, се зафатив макотрпно и темелито да работам. Не само да разговарам со луѓе, сведетели од тие денови, туку да користам и литература. Особено ми помогнаа неколку книги од Димитар Цолев, Трајче Грујовски и од неколку други наши книжевници и историчари. Воедно посегнав и по македонските печатени медиуми, особено по страниците на „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ кои што се занимаваа со овој дел од историјата, особено со историјата на еврејскиот народ. Секако користев и други прилози што ги наоѓав на интернет и сето тоа го сублимирав и собрав и мислам дека на крајот излезе едно навистина интересно и читливо дело. Барем така вели критиката посочувајќи дека „Утринска молитва“ останува како траен влог во македонската литература, култура, но и историја од овие краишта“, појаснува авторот.

Роден во Битола 1946 година, Петко Шипинкаровски е писател и поет, публицист, драмски автор, есеист и книжевен критичар. Автор е на повеќе дела меѓу кои романите „Откорнати души“, „Петра“, „Црна љубов“, „Дабјак“, „Златни обетки за Марија“, „Децата на Марија“, монодрамите и збирките поезија како што се „Духот на војводата“, „Залезнина“, „Кога тргнав Цвето во туѓина“, „Струшки сведоштва“, „Седело на орлица“, „Злоуми“....

Шипинкаровски е член на Друштвото на писателите на Македонија и на МНД - Битола. Главен и одговорен уредник на ревијата „Бранувања“ и организатор на „Струшките книжевни средби“- Струга. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и меѓународната награда „Донат“ што Хрватското книжевно друштво од Задар ја доделува на истакнати поединци и институции, на „Повелбата за животно дело“ за афирмација на манифестацијата „Пелагонски средби“...и други. Неговите творби се преведени и препеани на повеќе светски јазици.

Инаку, Шипинкаровски деновиве ги подготвува за печатење своите две нови збирки раскази, едната за возрасни а другата за деца, штотуку го заврши и новиот број на „Бранувања“, ревијата која што веќе шеста година излегува во Струга, а го подготвува и новото издание на „Струшки книжевни средби“ - фестивалот на кој годинава се очекуваат не само творци од земјава и регионот, туку и од Полска, Русија и од други европски држави.