Политичките партии наместо да прават чекори за да ги доближат ставовите во преговорите, тие одат во сосем спротивен правец и меѓу нив воопшто нема доверба, сметаат експертите.
Тоа што ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлози од пред некој ден нема воопшто да ги подобри работите и нема воопшто да ги доближи ставовите помеѓу партиите, затоа што тоа што тие реално го прават на терен е сосема спротивно од тоа што сега го предлагаат на овие средбиНикола Дујовски, универзитетски професор.
Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со нови предлози околу можните решенија за пречистување на избирачкиот список и регулацијата на медиумите. Се очекува денеска работните групи на четирите најголеми партии да расправаат по предлозите на средбата во Клубот на пратениците. Пред неколку дена токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го нарече белгискиот олеснувач во преговорите Питер Ванхауте продавач на магла. Во меѓувреме пробиени се сите рокови за изнаоѓање на решение за овие прашања кои произлегуваат од Договорот од Пржино.
Професор Никола Дујовски вели дека сега партиите покажуваат мускули едни на други и која од нив има поголема поддршка од граѓаните и кој верува дека ќе победи на изборите.
„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлози од пред некој ден нема воопшто да ги подобри работите и нема воопшто да ги доближи ставовите помеѓу партиите, затоа што тоа што тие реално го прават на терен е сосема спротивно од тоа што сега го предлагаат на овие средби. Не само говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Погледнете што се прави на терен помеѓу граѓаните и гласачите. Каков притисок уште сега се врши врз граѓаните на Република Македонија. Така да сите активности особено од кога се повлече Груевски од премиерската функција целата негова машинерија е насочена кон тоа, не да одат кон градење на меѓусебна доверба, туку одат кон тоа да не се спроведува Договорот од Пржино по сите основи“, истакнува Дујовски.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери смета дека отсекогаш имало недоверба меѓу политичките партии и таа само се продлабочува со сите постапки кои се превземаат во обидот да се заземе што поповолна позиции во изборниот процес.
„Малку се контрадикторни постапките на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, бидејќи тие цело време тврдеа дека Македонија е спремна за избори на 24 април и дека се преземени сите активности и во овој временски период земјата ќе биде подготвена. Од друга страна преземаат постапки, нудат предлози и решенија како да се одложи процесот на создавање услови навреме за да може на 24 април да се одржат изборите“, вели Зибери.
Тоа според него, само покажува дека власта не е подготвена Македонија да влезе во изборниот процес со кристално јасна регулатива и изборите да бидат кредибилни и согласно меѓународните стандарди кои ќе ја извлечат земјата од криза. Несогласувања се уште постојат и околу датумот на изборите од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат тие да бидат спроведени на 24 април, додека од СДСМ не се согласуваат и бараат одложување со цел најпрвин да бидат исполнети сите одредби од Договорот од Пржино.