Во последниве три дена односите меѓу власта и опозицијата се поларизираа речиси до степен на кој беа пред Договорот од Пржино и во екот на објавувањето на т.н. опозициски бомби. Но и покрај тоа што во дел од јавноста ситуација се перцепира како безизлезна, некои аналитичари посочуваат дека двете главни страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ всушност оставиле простор за можен компромис до 24 февруари.
Зависно од позицијата која ја градиме така и се однесува кон нивните ставови. Досега ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи беа крајно незадоволни од одлуките на меѓународниот фактор, сега се случува обратен процес.Насер Зибери, политички аналитичар.
Според Јован Близнаковски од Институтот за демократија тоа го покажува и одлуката на централниот одбор на СДСМ да ги пролонгираат своите оставки во владата и во собранието до датумот на кој претходно другите три потписнички на пржинскиот договор изгласаа да се распушти собранието.
„Паралелно со тоа имавме изјави и од неколку странски амбасади во земјата во кои се потенцираше важноста сите актери и целава оваа констелација во која прво ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА на некој начин еднострано решија прво да го распуштат парламентот и да формираат техничка влада, а направија и распуштање што е пролонгирано што беше на некој начин преседан, а потоа и со ова пролонгирано откажување на СДСМ од институциите мислам дека и двете страни оставија некаков простор во следниов период да дојде до договор за нов датум“, вели Близнаковски.
И аналитичарот Насер Зибери смета дека двете партии оставиле простор за договор, а очекува и меѓународната заедница до 24 февруари уште еднаш како што вели сериозно да се вклучи во барањето компромис. Според некои најави и еврокомесарот Јоханес Хан во средината на идниот месец повторно ќе дојде во Скопје со план од три точки чија суштина е да се гарантира фер изборен процес. Дел од јавноста пак веќе изрази сомнеж за посредништвото на Хан но според Зибери премногу чувствително се реагирало на ставовите на претставниците на меѓународната заедница.
„Зависно од позицијата која ја градиме така и се однесува кон нивните ставови . Досега ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи беа крајно незадоволни од одлуките на меѓународниот фактор, сега се случува обратен процес. Мислам дека меѓународниот фактор понеутрално настапува и мислам дека не е рунирана до таа мера неговата позиција за да не може да биде кредибилен посредник“, вели аналитичарот Насер Зибери.
Инаку по одлуката на централниот одбор на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение и порача на опозициската партија дека на 24 април народот на фер и демократски избори ќе кажел што мисли за партиите и за нивното однесување и понуда. Во меѓувреме за двете главни преостанати прашања од Договорот од Пржино и извештајот на Прибе на кои инсистира опозицијата повеќе се говори за прочистувањето на избирачкиот список и опременоста на ДИК а речиси никој не го споменува незатворениот проблем со медиумите.