Европските амбасади бараат веродостојни избори со еднакви шанси

Архивска фотографија.

Германската, британската и холандската амбасада во Македонија по повод вчерашните политички случувања коментираат дека договорот од Пржино треба целосно да се спроведе, но и дека остануваат уште многу работи да се завршат за одржување веродостојни избори.

Германската, британската и холандската амбасада во Македонија по повод вчерашните политички случувања коментираат дека договорот од Пржино треба целосно да се спроведе, но и дека остануваат уште многу работи да се завршат за одржување веродостојни избори.

Овие избори мора да бидат веродостојни и инклузивни. Тоа може да бидат само доколку сите партии се уверени во тоа дека ќе добијат исти можности и шанси.
германска амбасада во Македонија.

Германска амбасада - До веродостојни избори само со исти шанси за сите партии

Германската амбасада соопшти дека спогодбата од Пржино и понатаму е во функција и мора целосно да се спроведе, коментирајќи го вчерашниот избор на преодната влада и одлуката на СДСМ да не учествува на изборите.

„За жал сè уште постојат значителни одложувања во многу области. Оставката на премиерот и изборите се два од неколкуте важни составни делови. Овие избори мора да бидат веродостојни и инклузивни. Тоа може да бидат само доколку сите партии се уверени во тоа дека ќе добијат исти можности и шанси“, се вели во реакцијата.

Британска амбасада - Со консензус до веродостојни избори

Од британската амбасада истакнаа дека треба да се заврши уште многу работа за веродостојни избори, особено во однос на гласачкиот список, балансирано медиумско покривање и еднаков пристап до медиумите.

„Досегашниот напредок се засноваше на договор помеѓу четирите главни партии. Доколку се работи на изнаоѓање решение за продолжената и неповолна политичка криза, преостанатите прашања исто така треба да се решат со консензус – и на начин со кој сите партии ќе се вклучат во изборите и ќе го прифатат резултатот како волја на македонската јавност“, соопштија од амбасадата.

Холандска амбасада - Не само формално, туку целосно спроведување на Договорот од Пржино

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп за Радио Слободна Европа изјави дека сите аспекти на договорот од Пржино треба да се испочитуваат и да се спроведат, а одржувањето на слободни, фер и инклузивни избори е еден од нив. Според него, суштината на овој политички договор или кој било договор не е во формалното исполнување, туку во вистинската посветеност и целосното спроведување на договорените реформи.

„Оттука, сите вклучени страни треба, без понатамошно одлагање, да работат заедно за да ги решат останатите прашања со цел да овозможат спроведување на веродостојни избори, со почитување на сите останати делови од договорот кој нуди долгорочно решение за политичката криза во Република Македонија“, истакна Пломп во писмената изјава за Радио Слободна Европа.