САД воведоа нови санкции против Иран

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД воведоа нови санкции против Иран

Соединетите Држави воведоа нови санкции против ирански компании и поединци поврзани со програмата за балистички ракети на оваа земја. До ова доаѓа еден ден откако Вашингтон и Европската унија ги укинаа санкциите кои беа поврзани со иранската нуклеарна програма.

Санкциите се воведени против неколкумина Иранци и мрежа на фирми со седишта во Обединетите Арапски Емирати и во Кина, соопшти американското Министерство за финансии.

Во декември, експерти на ОН објавија дека Техеран истрелал ракета со среден дострел со што ги прекршил санкциите со кои на Иран му се забранува да лансира ракети кои можат да носат нуклеарни боеви глави.

Вашингтон смета дека иранската ракетна програма претставува значителна закана за регионалната и глобалната безбедност и затоа ќе продолжи да биде цел на меѓународните санкции.

Вашингтон смета дека иранската ракетна програма претставува значителна закана за регионалната и глобалната безбедност и затоа ќе продолжи да биде цел на меѓународните санкции.

Новинската агенција Ројтерс јави дека американскиот претседател Барак Обама ги одложил овие санкции додека траеле преговорите за ослободување на петмина американски државјани затворени во Иран.
Обама го поздрави нивното ослободување, како и целосната имплементација на историскиот нуклеарен договор.

„Сега активностите на Иран се потврдени и може да почне да добива ослободување од одредени нуклеарни санкции и пристап до замрзнатите средства. А можеби најважно од се е што овој историски напредок го постигнавме преку дипломатија, без прибегнување кон нова војна на Блискиот Исток“, рече Обама.

Иранскиот претседател Хасан Рохани во оценките непосредно пред објавувањето на новите санкции изјави дека секој таков потег од Вашингтон би бил пречекан со соодветен одговор од Техеран.

Тој додаде дека укинувањето на меѓународните санкции отвора „нови врати“ за ангажманот на Иран во светот.

Сирискиот весник „Ал Ватан“ оцени дека враќањето на Иран ќе означи почеток на нова ера на Блискиот исток.

„Ова ќе има позитивен ефект врз Сирија. Укинувањето на санкциите ќе овозможи сите земји да седнат на преговарачка маса што ги зголемува шансите за мир во регионот“, изјави Тарик Ахмед, член на опозициската Сириска национална партија.

На ист став се и ирачките аналитичари кои сметаат дека укинувањето на санкциите ќе придонесе и за поуспешно справување со тероризмот.

„Мислам дека тоа ќе игра позитивна улога за регионалната стабилност. Иранскиот влез на глобалната сцена долгорочно ќе има решавачко влијание и за ситуацијата во Ирак“, вели Ватик ал Хашими, аналитичар од Багдад.

Некои експерти, пак, сметаат дека укинувањето на санкциите може да ја искомплицира политичката ситуација на Блискиот Исток.

Имено, можноста на Иран да донесе странски капитал и евентуално да доживее економски бум може да ја вознемири сегашната рамнотежата на моќта меѓу сунитските и шиитските групи.

Тамошните берзи веќе бележат пад главно поради загриженоста на производителите на нафта од Заливот дека Иран ќе извезува голема количина на нафта што ќе ја влоши ситуацијата на пазарот.