Меркел: Европа е ранлива на бегалската криза

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Меркел: Европа е ранлива на бегалската криза

Германскaтa канцеларка Ангела Меркел изјави дека Европа е ранлива на бегалската криза, бидејќи се уште ја нема под контрола ситуацијата до посакуваниот степен. Во меѓувреме, Германија почна да одбива се повеќе мигранти на нејзината јужна граница, враќајќи ги во Австрија.

Нападите на жени во Келн и во други германски градови за време на новогодишната ноќ за кои се обвинети баратели на азил во Германија ја притиснаа Ангела Меркел поради нејзината политика на отворена врата спрема мигрантите и бегалците.

„Сега одеднаш се соочуваме со предизвикот од бегалците кои доаѓаат во Европа и ние сме ранливи, како што гледаме, затоа што се уште не ја имаме контролата која би сакале да ја имаме“, рече Меркел во Мајнц.

Таа оцени дека слободата на движење и еврото се директно поврзани, односно дека не може да се има заедничка валута без да постојат отворени граници.

Според неа, доколку земјите не дозволат минување на границите без поголеми тешкотии тогаш би страдал заедничкиот пазар.

Меркел додаде дека за зачувување на Шенген зоната во Европската унија е неопходно да се преземат потези за подобро обезбедување на надворешните граници на Унијата.

Сега одеднаш се соочуваме со предизвикот од бегалцитекои доаѓаат во Европа и ние сме ранливи, како што гледаме, затоа што се уште не ја имаме контролата која би сакале да ја имаме.
Ангела Меркел, канцелар на Германија

„Треба да ја интензивираме борбата против причините кои ги тераат луѓето да бегаат. Тогаш ќе бидеме во можност, а тоа го сакаме во оваа година, да забележиме намалување на бројот на бегалци. Тоа е јасно, бидејќи имаме задача да ги интегрираме кај нас“, изјави Меркел.

Во исто време Германија почна се повеќе да ги враќа мигрантите од нејзината граница со Австрија, особено оние што се од Авганистан за кои Берлин смета дека не ги исполнуваат условите за азил.

Построгите германски гранични контроли, според некои посматрачи, всушност се последица од сличните такви мерки кои претходно ги презедоа Шведска и Данска.

Повеќето од вратените на границата немаат валидни документи или одбиваат да аплицираат во Германија и бараат да одат во Шведска.

„Немаме објаснување зошто тоа е така“, вели еден претставник на германската полиција.

Австрија која е последната земја на патот до Германија по таканаречената Балканска рута од Блискиот исток и Авганистан исто така деновиве почна да враќа бегалци во соседната Словенија.

Ако тие не аплицираат за азил во Австрија тогаш се казнуваат за илегално минување на границата.

Но, откако ќе ја платата казната тие повторно се обидуваат да се вратат во Германија.

Таму пак, по нападите на новогодишната ноќ почна да расте незадоволството од политиката на Меркел спрема бегалците.

Во понеделникот во Лајпциг неколку илјади демонстранти бараа оставка од германскиот канцелар.

Претходно полицијата во Келн соопшти дека десетина мигранти биле повредени во неделните напади од страна хулигани во градот.