Државната изборна комисија пред една недела испратила до четирите најголеми политички партии застапени во Собранието утврдени предлог текстови на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список и на Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, соопштија од комисијата. Сега работата е во рацете на партиите кои треба да се усогласат за тоа што го предложила Државната изборна комисија.
Сметам дека времето е исклучително кратко и клучниот збор и клучниот аспект на сето тоа пак ќе се сведе на политичка одлука на партиските лидери да кажат дали имаат верба во избирачкиот список или не. Тоа мислам не требаше да се дозволи.Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.
Преговорите на работната група кои ги води посредникот Питер Ванхауте, пак, се во мирување поради празниците и се очекува да продолжат по Божик. Извори вклучени во нив велат дека според сегашниот план, прво ќе се продолжи со разговорите за медиумите, па откога ќе се затвори тоа прашање, ќе треба да се разговора за прочистувањето на списокот. Ако сè се реши брзо, тоа значи дека ќе останат околу три месеци за проверка на списокот, со што се отвора прашањето дали воопшто има време. Според поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, сепак за сè е клучна политичката волја.
„Сметам дека времето е исклучително кратко и клучниот збор и клучниот аспект на сето тоа пак ќе се сведе на политичка одлука на партиските лидери да кажат дали имаат верба во избирачкиот список или не. Тоа мислам не требаше да се дозволи“, вели Новаковски.
Во меѓувреме, се повеќе се засилуваат шпекулациите дека е можно одложување на изборите а како нов датум во дел медиуми се споменува 26 јуни. И лидерот на СДСМ Зоран Заев неодамна изјави дека избори на 24 април ќе се одржат само ако се гарантира дека тие ќе бидат фер и демократски, а тие цврсти гаранции можела да ги даде само ДИК. Според аналитичарот Алберт Муслиу, сега се можни две сценарија.
„Сценариото според кое партиите пак по истиот терк ќе го одолговлекуваат процесот и сето тоа ќе се оддолжи што секако ќе го оневозможи теренското работење и сите тие активности кои се предвидени во врска со прочистување на избирачкиот список. Втората варијанта е тие да покажат висока политичка свест тоа брзо да го договорат, затоа што тоа во крајна линија е изработено од независно тело кое треба да ни ги спроведе изборите“, вели Муслиу.
Кога ќе има избори се очекува појасно да стане по посетата на Скопје на европарламентарците Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит в понеделник, а потоа и на еврокомесарот Јоханес Хан за чие доаѓање терминот не е утврден, но се очекува да се случи пред 15 јануари-датумот кој е одреден за инаугурација на новата влада. Државната изборна комисија во вчерашното соопштение побара во најкраток можен рок четирите партии да се усогласат, за потоа да ги усвои двата важни акта за проверка и ажурирање на Избирачкиот список. Поконкретно во правилникот бараат ажурирање засновано на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверка. Воедно комисијата соопшти и дека со јавно гласање го избрала Добре Јанчев за нов генерален секретар, функција која според партиските договори има засилени ингеренции.