Кашавелски: Сега треба да измерам што можам на интернационалната ликовна сцена!

Синиша Кашавелски.

Синиша Кашавелски, во втората половина на декември минатата 2015 година, за делото „Искушение“, го доби Златниот медал за сликарство на годишната изложба на „Салонот на убавите уметности“ што ја организира националното здружение на ликовни уметници на Франција. Уметникот беше добитник и на престижната награда „Димитар Кондовски“ што ја доделува ДЛУМ, а деновиве се подготвува за учество на изложбата на портрети што ќе се одржи во Националната глалерија во Лондон.

Македонскиот уметник Синиша Кашавелски во 2012 година од Зимскиот салон во Париз се врати со бронзен медал. Една година подоцна за своето творештво тој се закити и со сребро, потем и со злато, а во втората половина на декември минатата 2015 , во конкуренција од над 600 уметници од целиот свет, за делото „Искушение“, доби Гранд при за сликарство на годишната изложба на „Салонот на убавите уметности“ што под Стаклената пирамида во Лувр, во Париз, ја организира националното здружение на ликовни уметници на Франција.

Мене се уште ми звучи неверојатно. Се уште сум во шок. Искрено не ја очекував наградата. И сега кога поминаа еуфоријата и првичната радост, навистина не сум свесен што ми значи таа. Знам само дека ме прави многу, многу горд.
Синиша Кашавелски, уметник.

„За мене да се види Париз отсекогаш било сон. Лувр, во кој сум бил најмалку 20-тина пати досега, секогаш е место каде наново и постојано доживувам еден силно инспиративен, културен и цивилизациски шок. Лувр е мека за нас уметниците. Место каде што се оди на аџилак. И еве сега доаѓа моментот кога во тој храм на уметноста вас ве канат на изложба. Самото учество на една ваква манифестација е голема чест. Имено се работи за престижен културен настан. Изложбата ја организира Националното здружение на ликовни уметници на Франција и повеќе од 150 години, секој декември, се одржува во една од салите на Лувр. На овој салон досега учествувале плејада на познати уметници како Жерико, Делекроа, Роден, Мане и многу други. Многу импонира и фактот дека додека трае изложбата ја посетуваат над 20.000 посетители кои имаат можност да видат дела од над 600 уметници. Затоа самото учество на еден ваков настан е голема чест. Сега под Стаклената пирамида на Лувр стои моја слика за која жирито одлучи да добие Гранд при...златен медал. Мене се уште ми звучи неверојатно. Се уште сум во шок. Искрено не ја очекував наградата. И сега кога поминаа еуфоријата и првичната радост, навистина не сум свесен што ми значи таа. Знам само дека ме прави многу, многу горд“, вели Кашавелски.

Тој дополнува дека Златниот медал на изложбата во Лувр е всушност кулминација на серијата големи интернационални награди започната во ноември 2014 со признанието на изложбата во Гранд Пале и дека за него не помалку е значајна и неодамнешната национална награда „Димитар Кондовски“ што ја доделува ДЛУМ. Појаснува дека сите тие признанија делуваат стимулативно на него како творец и дека со нив му се отвораат вратите на многу престижни меѓународни изложби и салони.

„Имам покани за изложби од сите страни. Малку сум затечен од сево ова бидејќи сė некако брзо ми се случува. Кога доаѓаш од средина каде што имаш вградено чувство на инфериорност, потешко се снаоѓаш. Во мојот случај работите одам ми се чини по некој мој - нормален тек. Во принцип многу работам, а во оваа фаза покрај тековните преокупации прифаќам и предизвици од тип на изложби и конкурси на кои тешко се влегува. Мислам дека во овие години и во овој творечки циклус треба да се измерам колку и што можам на интернационалната ликовна сцена. Инаку, во моментов се подготвувам за изложбата на портрети во националната галерија во Лондон. Имам некој посебен однос со портретите. Некако ми лежат. Ќе видиме. Што и како ќе биде обично не зборувам многу пред време и не се надевам премногу. Важно работам, а ете доаѓа и по некоја награда.“

Иако не љуби да говори и да ги појаснува своите дела, сликарот знае да каже дека инспирацијата за „Искушение“ ја нашол во вториот круг на дантевиот „Пекол“, во делот што се нарекува „Страст“ и каде се наоѓаат душите што се обидуваат да ја смират побудата кон страста, или поточно, кон еротскиот нагон.

„Во принцип не зборувам и не ги објаснувам моите слики. Со секое објаснување се девалвира приказната и намерата. Се трудам да внесам некаква софистицирана загатка или ребус. И оставам простор на имагинацијата на гледачот да најде одговор на прашањето – која е пораката и приказната на авторот.“

Синиша Кашавелски е роден 1969 година во Куманово. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Зад себе има голем број на самостојни и групни изложби во земјава и во странство, многу признанија и награди, а наскоро планира и нова средба со домашната ликовна публика.

„Успесите што ме следеа во последно време наметнуваат едно поинакво размислување, односно тие поттикнуваат еден нов вид на енергија за која се надевам дека ќе се преточи во повисок квалитет. Скалилото сега е подигнато многу повисоко што значи дека делата кои што ќе бидат создавани од овде натаму ќе бараат многу поголем ангажман. Како идејно, така и сликарски. Се надевам дека во блиска иднина ќе имам доволен број на квалитетни дела со кои што би можел да се претставам пред домашната ликовна публика. Зависно од обврските, тоа најверојатно ќе биде во текот на оваа календарска година“, вели уметникот.