Во добар дел од изминатиов период сакале или не се возбудувавме на татнежот на бомбите. Главно медиумските. Оние кои ги пукаше опозицијата од седиштето на Бихаќка. Арно ама пред да рикне првата – го добивме ПУЧ од Илинденска. Не прислушувал Мијалков, туку Заев со СТРАНСКИ СЛУЖБИ.
Од взаемните муабети на Министерот за финансии и министерката за полиција дознавме и тоа дека сме биле навлечени на „чоколадо“. Бомбите нè потсетија и на „човечињата“ од Пустец, на гласачите од Шутка, а богами чувме како заглави брат, или како што го нарекоа „сестра“ Љубе во Идризово
Во духот на нагласениот патриотизам Премиерот и поранешниот министер за надворешни ни го кажаа словото – МАКЕДОНЕЦ ИМЕ НЕ МЕНУВА!
Слушнете ја новогодишната емисија на Радио Слободна Европа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бомбите, ама и законот за хонорарци, пленумците... повлекоа протести и контрапротести. Македонија излезе на улица. Станавме вест во светот. Се обединија и пленумците и од автономната зона испратија порака.
Политичките првенци за да си го крепат егото направија и два кампа. На Илинденска беше кренат Вистината за Македонија, а во Жена парк осамна Чуварите на демократијата.
И, од сево ова би „историско“ Пржино. Прво еден, после - два. И едните и другите се прогласија за победници. И добивме Специјално јавно обвинителство, договор за вонредни избори, министри и заменици од опозицијата во владата, нова ДИК и расправии во комисиите. Нормално, како што некој мудар кажал, ако сакаш една работа да не се реши формирај анкетна. Циркус.
И наместо јавно по одлуката на министерството за транспарентност, сведочењето на Премиерот беше тајно. Ах, Орвел каде си?
Предизборно на крајот од оваа 2015 го добивме и најтешкиот буџет досега. И тргнавме со нови кредити и државни обврзници.
И, кошмарот да биде поголем во предизборната битка која демек не се води започна фабрикувањето на афери – стари или нови. Им се вративме на ЛИЧНИТЕ КАРТИ. И додека се распламтуваше аферата, Владата со мерка за зголемување на наталитетот: Млади купете куќа – таа обезбедува услови за повеќе деца!
Во меѓувреме ни се случи и Денот на дрвото, своја ноќ имаа и „дрвосечите“, па паднаа маглите и Скопје, Тетово, Битола се престорија во градови кои ве оставаат буквално без здив.