Итни мерки или блокади на загадените градови

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Доколку до 15 јануари властите не ги имплементираат итните мерки коишто ги бараат, демонстрантите најавија блокади на сите градови коишто се загадени.

Над две илјади граѓани вечерва пред Владата во Скопје излегоа на протест загрижени поради континуирано високо загадениот воздухот во повеќе градови во Македонија. „Скопје стана Пекинг!“, „Имате ли план?“, „Доста гушење“, „Стоп за загадувањето“, „Децата треба да дишат“, „Филтри наместо финти“, „До кога себеуништување?“, беа дел од паролите кои ги истакнуваа граѓаните, а многумина од нив на протестот носеа заштитни маски.

Конкретни итни мерки беа предложени и апелирам веднаш тие да се стават во акција и да се имплементираат. Но, доколку сакаме оваа година да е последна со ваква енормна количина на загадување на воздухот, мора да го искорениме овој проблем.
Горјан Јовановски, креатор на апликацијата „Мој воздух.“

Тие ја критикуваа Владата дека за загадувањето дава само препораки, а не презема мерки. На протестот дојдоа граѓани и активисти од Тетово и од Битола. Битолчани го потенцираа големиот број на случаи на карцином од загадениот воздух во нивниот град. Активистите од Тетово повикаа итно да се модернизира индустријата, скопјани, пак, нагласија дека над 800 илјади граѓани во 2014 година се лекувале од респираторни и циркулаторни болести, голем процент на деца.

„Следејќи ја статистиката многу лесно може да заклучиме дека неквалитетните и увезени возила и фабриките без соодветни филтри на оџаците, придонесуваат многу за нашето загадување на воздухот. Конкретни итни мерки беа предложени и апелирам веднаш тие да се стават во акција и да се имплементираат. Но, доколку сакаме оваа година да е последна со ваква енормна количина на загадување на воздухот, мора да го искорениме овој проблем“, рече Горјан Јовановски креатор на апликацијата „Мој воздух.“

Тој истакна дека според податоците коишто ги има „Мој воздух“, во Скопје во зимскиот период загаденоста се накачува после 15 часот и таа се намалува после 3 часот по полноќ, што укажува на тоа дека причината е загревањето на домовите. Тој рече дека за загревање на домовите се копристат различни супстанциу, бидејќи луѓето не се во можност да се приклучат на централниот сиситем на греење.

„Апелирам до надлежните да си ги средат приоритетите и на прво место да го постават здравјето на своите граѓани. Бараме барем дел од буџетот којшто е наменет за барокни градби, споменици, бродови и палми, да се пренасочи кон субвенционирање на сметките на економски загрозени семејства за парно греење и кон започнување на гасификација на Македонија“, рече Јовановски.

Демонстрантите порачаа властите да преземат итни мерки против загадувањето.Тие бараат план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачи; координација на надлежните општини на град Скопје, Битола, Тетово и другите градови, со Министерството за внатрешни работи. Забрана за движење на возила со понизок стандард од Еуро 4, како и на дизел возила. Во центарот на градот да не се движат патнички возила и да се користи само јавниот превоз; времена забрана за работа на индустијата со А и Б интегрирани дозволи: привремена забрана на градежните зафати во денови со зголеменио загадување, и други мерки.

„Доколку до 15 јануари, ваквите итни мерки коишто ги бараме не се имплементираат, најавуваме блокади на сите градови коишто се загадени“, рекоа демонстрантите.

„Оваа година сечеа дрва, уништуваа паркови, го уништија Водно, а за се ги обвинија оние кои немаат пари да се приклучат на парно или кои возат стари возила. Бараме конкретен и целосен мониторинг да видиме што дишеме, кој не загадува и зошто не е казнет. Има само една работа која е попрљава и посмрдлива од воздухот во Скопје и во Битола, а тоа е совеста на оние што ништо не преземаат“, рече биологот Кирил Арсовски.