Ла Колони Волвокс со „Blue Bird“ промотивно во кино „Фросина“

По нешто повеќе од две години од разсвирувањето на „АЕИОУ“, ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС, овој четврток, на 24 декември, во 21 часот, повторно и се враќаат на камерната атмосфера на кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар во Скопје, за да го промовираат својот шести студиски албум „Blue Bird“. Станува збор за издание на „Егоист рекордс“ што е обнародено неодамна и за објава на која експериментот со џез и традиционална музика е заменет со враќање кон песните и моќните стихови.

Сниман во „Канцеларија“ во периодот септември – декември 2014 и комплетиран во последнава четвртина од годинава што изминува, „Blue Bird“ е шестиот студиски албум на ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС, бендот кој ја имал таа привилегија во изминатава деценија и половина да ја следи само својата потреба за експеримент и ништо повеќе. Да талка по звуковните возбуди не оптоварувајќи се себе си до каде ќе посегне по традицијата, колку ќе исчекори во експериментот или едноставно ќе ја чествува песната.

Живееме во едно, така, невралгично време во кое секој е тангиран од општата глобална ситуација која што резултира со еден невиден притисок и една невидена супресија врз суптилните димензии и елементи кои светот го чинат свет и човекот – човек, и се помалку тоа го има, и на некој начин тоа е поврзано со една глобална политика.
Сашо Гигов – Гиш.

Од таму, во случајов новите 10 композиции, во некоја рака, се затворање на кругот на самосвојното авторско патешествие во кое лесно можат да се препознаат влијанијата од нивните музички херои – почнувајќи од старите блуз мајстори до величините како БИТЛСИ, ПИНК ФЛОЈД, ДОРС, Френк Запа, Том Вејтс, Ник Кејв...На него, кабаретската атмосфера се прелева во енергичен блуз и британски рок од 1970-те, за да баладите потем, пак, бидат заменети со доза на хумор и актуелни политички пораки.

Како што самите ќе забележат, „Blue Bird“ за нив бил „тест за креативноста и композиторските вештини на останатите од бендот што долго биле оставани по страна“. Посебно она што како своја визија го носат Драган Стојковски ( бас, шестожична тамбура, програмирање...) и Предраг Икономовски (гитари, укулеле, усна хармоника), инструменталистите кои при снимањето на материјалот огромна поддршка имаа од своите колеги и пријатели како Игор Атанасовски Харе, Ади Имери, пијанистот Симон Киселички, тапанарите Гоце Наумов и Златко Михајловски, дувачите Сашо и Александар Николовски и Огнен Атанасовски, кој ги отпеа придружните вокали во завршната тема.

И, кога ова е веќе познато, не чуди настојчивоста на ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС промоцијата на својата објава да ја сторат во кино „Фросина“ - просторот со кој поодамна се имаат интимизирано.

„Не сме ние за пред пет-шест илјади души. Сепак е тоа еден момент каде што се соочуваме и со публиката и со сами себе. Башка интересен е и концептот на концертот – првиот дел е тотално интимистички ориентиран, со една поетика која е онака блиска до поетиката на современите трубадури како што е Леонард Коен, како што е онаа на Боб Дилан... Џим Морисон и т.н., а вториот е по малку зафркантски каков што беше и претходниот концерт – значи ред солзи, ред смеа. Овој дел е навистина интересен, по малку и политички ангажиран со наши реакции на денешницава. Така може фино да се искомуницира на едно полу-коноба, полу-кабаретско и полу-сценско собитие. Во секој случај пак една миракула. Луѓето ќе имаат прилика и да се соживеат и на крај да се изнасмеат“, вели во предвечерието на концертот пејачот и лидер на бендот Сашо Гигов – Гиш.

Во својата експликација околу посегањето по политиката тој истакнува дека сакале да претстават една ангажирана прикаска – низ еден саркастичен, зајадлив начин, во стилот на еден Запа или Дилан, та дури и еден Бертолд Брехт...да се искоментираат одредени нешта.

„Живееме во едно, така, невралгично време во кое секој е тангиран од општата глобална ситуација која што резултира со еден невиден притисок и една невидена супресија врз суптилните димензии и елементи кои светот го чинат свет и човекот – човек, и се помалку тоа го има, и на некој начин тоа е поврзано со една глобална политика. Да не речам универзалистички затоа што ќе бидам погрешно разбран. Затоа што универзализмот имплицира заедништво и диверзитет, богатство на разликите, а ова е веќе една унифицираност во стравот и во фрустрацијата. И мора да се реагира на некој начин. Ако не поинаку, барем на уметнички, музички. Како трубадурите, како блузерите, како хипиците...како сите оние луѓе кои преку музиката се обидувале да допрат до вистините. Без некоја претенциозност за претерана ангажираност. Има суптилност, има лиричност, ама има и саркастичност, сардоничност и иронија која што треба да ги натера луѓето да мислат. Да ги натераме да им се вратат на чувствата, затоа што заборавивме да правиме суптилни разлики помеѓу категориите и сè се сведе на страв. На уплав, на резигнација, на фрустрација, на ксенофобија. На тие чудни колективни емоции кои не прават ништо добро. Никому. “

Инаку, покрај Гигов, Икономовски и Стојковски, во редовите на ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС, на промотивниот концерт за „Blue Bird“ на кој ќе бидат изведени и неколку досега не објавени песни, ќе бидат Ненад Неделков (миди гитара, вокал), младиот Филип Димишковски (клавијатури) и искусниот Гоце Стефковски (тапани), а како гости најавени се Јана Гигова (придружни вокали) и Сашо Ѓорѓевски (усна хармоника).