Социјалдемократскиот сојуз упати нови обвинувања на адреса на семејството на началникот за земјоделство во Битола, Илија Србиновски. Општинската организација на СДСМ обвини дека ќерката на подрачниот началник заедно со нејзиниот сопруг пред шест години на диво се вселиле во државен стан во Битола.
За незаконското вселување на познатиот брачен пар постои и официјален документ во кој се вели: закупец Роберт Талевски, диво вселен, број и тип на решение - нема, број на договор - нема, рок на важење на договор - нема, месечна закупнина 0 денари.Борче Корлевски, портпарол на СДСМ од Битола.
„Дали ќерката на подрачниот министер за земјоделство, Илија Србиновски, Лилјана Србиновска Талевска, заедно со нејзиниот сопруг Роберт Талевски, во септември 2009 година на диво, односно незаконски се вселиле во државен стан на улица „Јонче Мурџевски“ број 3/18 во Битола“, изјави Борче Корлевски, портпарол на СДСМ од Битола.
Тој додаде дека за ова постои и официјален документ од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во кој како закупци на станот сè уште се водат дивовселените.
„За незаконското вселување на познатиот брачен пар постои и официјален документ во кој се вели: закупец Роберт Талевски, диво вселен, број и тип на решение - нема, број на договор - нема, рок на важење на договор - нема, месечна закупнина 0 денари“, додава Корлевски.
Тој уште обвини дека ќерката на Србиновски била вработена во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, под чија надлежност се државните станови во Битола и најчесто се издаваат на социјални случаи.
„Згора на тоа, ќерката на Србиновски, Лилјана Србиновска Талевска, која меѓу другото беше и вработена во ова претпријатие, заедно со својот сопруг од јули 2013 година живеат во Австралија. Станот е празен, клучот од станот е кај нив, а тие речиси три години не се вратени“, додава Корлевски.
Директорот на ЈПССДП, Иван Јолевски потврди дека биле диво вселени, но вели дека тоа било во времето на СДСМ.
„Јас кога дојдов за директор на претпријатието имаше 67 диво вселени, а 2009 година ние ги регистриравме сите диво вселени и се обидовме да ја регулираме состојбата. Ова семејство се обиде да го откупи станот, но не можеше, зашто според законот тоа е недозволиво ако имаш друг имот, а имаа дел од имот на име на сопругот. По ова уште пред три години го напушија станот и тој сега е празен“, вели Јолевски.
Србиновски, пак, телефонски ни одговори дека нема вакви работи.
На посочената адреса, пак, затекнавме писма адресирани на семејството Талевски.
Ова се нови обвинувања на адреса на Србиновски, откако пред неколку недели дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски на прес конференција го обвини за непотизам, односно дека снаата си ја вработил во подрачното министерство, а земјиште кое на државата ѝ било вратено како неплодно, без тендер ѝ го доделил на сопругата.
Ова го демантираше Србиновски велејќи дека снаата била вработена преку оглас, а сопругата, која е регистриран земјоделец, за земјата има потпишано лично договор за закуп со министерот за земјоделство. Според Србиновски, ова се лаги и клевети со кои СДСМ сака да собира гласови меѓу земјоделците во Пелагониско.