МВР ги истражува настанот во Куманово и „бомбите“

Според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, Оливер Спасовски има доволно време, во соработка со обвинителството, да расчисти дел од аферите кои се поврзуваат со МВР.

Во рамките на Министерството за внатрешни работи спроведувам одредени истраги за настаните од Куманово од 9 мај за да се отфрлат или потврдат шпекулациите поврзани со инцидентот, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во врска со другите работи поврзани со министерството, како на пример за израелската опрема, кои ги објави опозицијата со „бомбите“, Спасовски вели дека соработуваат со специјалната обвинителка Катица Јанева.

Ако се вклучат професионалните екипи од МВР, тие може и за пократко време да ги расчистат, особено може да се расчисти околу злоупотребите на опремата за прислушување, по чија наредба биле извршувани тие активности, кој сè бил вклучен и бил корисник на тие информации, какви активности врз основа на тие информации преземале, дали имало на пример рекет, уцени, преземање на компании итн.
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

„Еден од врвните приоритети е да имаме одлична или добра соработка со Специјалното јавно обвинителство, бидејќи функционирање на ова обвинителство и на спрегата меѓу обвинителството и Министерството за внатрешни работи е од исклучително важно значење поради тоа што угледот на МВР беше најмногу срушен токму со оваа афера за прислушувањето, така што не само израелската опрема, туку многу други афери коишто индицираа на можни злоупотреби во рамките на министерството или во Република Македонија ние ќе соработуваме максимално да можат да бидат затворени“, вели Спасовски.

Досега од покрупните опозициски обвинувања на адреса на министерството беа аферите поврзани со прислушувањето, улогата на министерството во изборите, партизацијата, спорни зделки за купување опрема и неколку други.

Според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, Спасовски има доволно време во соработка со специјалното јавно обвинителство, но и со основното, да расчисти дел од овие обвинувања.

„Ако се вклучат професионалните екипи од МВР, тие може и за пократко време да ги расчистат, особено може да се расчисти околу злоупотребите на опремата за прислушување, по чија наредба биле извршувани тие активности, кој сè бил вклучен и бил корисник на тие информации, какви активности врз основа на тие информации преземале, дали имало на пример рекет, уцени, преземање на компании итн. Се разбира и сè она друго во кое министерството на некој начин било вклучено околу инволвирањето во изборни нерегуларности, сомневањето за лични карти“, вели Трајанов.

Во врска со наводното фалсификување лични карти за кои заменикот Митко Чавков рече дека истрагата покажала дека не биле користени за избори, Спасовски во интервјуто вели дека таквата изјава е избрзана во моменти кога одделот за организиран криминал на МВР и обвинителството интензивно работеле на расчистување на аферата.