Единствениот начин за промена на работите е активирањето. Преземете ризик, борете се за своите идеали, работете на подобрување на состојбата на другите, борете се против неправдите кога ќе ги забележите, им порача американскиот амбасадор Џес Бејли на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Вклучете се во изборниот процес што претстои, како партиски член, како поборник за одредено прашање, нека ви се чуе гласот. Друг начин е да се вклучите како набљудувач, кој ќе им го гарантира правото на глас на другите или барем да им помогнете на роднините и пријателите да видат дали ги има во Избирачкиот список.Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.
Обраќајќи се на меѓународната конференција „Медиуми и човекови права“, што ја организира Институтот за новинарство, медиуми и комуникации“ на Правниот факултет во Скопје, по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, Бејли потсети дека и во САД во моментов има динамика на студентски активизам. Некој е провоциран од ужасниот инцидент на кршење на човековите права во Фергусон, студентите од универзитетите ширум земјата го подигнуваат гласот против нетолеранцијата, полициско насилство, сексуални напади, слободата на изразување. Некои студенти прашуваат зошто институциите продолжуваат да му оддаваат почит на Томас Џеферсон, кој, и покрај сè, поседувал стотици робови, некои студенти, пак, се ангажираат на можеби потивок начин, волонтираат во шелтер центри за малтретирани жени, или пружаат бесплатна правна помош за тие што не можат да си дозволат, рече Бејли, порачувајќи им на македонските студенти дека сега имаат време, енергија и талент за акција.
„Вклучете се во изборниот процес што претстои, како партиски член, како поборник за одредено прашање, нека ви се чуе гласот. Друг начин е да се вклучите како набљудувач, кој ќе им го гарантира правото на глас на другите или барем да им помогнете на роднините и пријателите да видат дали ги има во Избирачкиот список. Можете да помогнете да се уриваат бариерите врз основа на пол, етничка припадност или сексуална ориентација, може да се борите против корупцијата која го подрива владеењето на правото и рамноправноста. Тоа може да го правите преку активизам или едноставно преку спротивставување на корупцијата, да им ја пријавите на институциите, па ако не слушаат, тука секогаш се медиумите. Можете да се борите за почитување на правата на луѓето со посебни потреби, да им помогнете да го сфатат нивниот потенцијал“, рече Бејли.
Професорката Рената Дескоска, која е и пратеничка од СДСМ, на конференцијата рече дека има сериозни проблеми со човековите права во Македонија.
„Денеска црвениот аларм е запален за правото на недискриминација или еднаквост на сите граѓани. Особено е запален алармот за слободата на изразување. Ако го погледнете извештајот на Европската комисија, имаме чиста единица за слобода на изразување во Република Македонија. Делот на медиумските слободи е проблематичен од аспект на заштитата на човековите права, она што значи право на фер судење е исто така проблематично и цел еден корпус на социјални и економски права коишто значат уназадување, наместо заштита на правата на работниците“, рече таа.
Професор Јасна Бачовска Недиќ рече дека еден од проблемите е што во Македонија нема медиумски плурализам.
„Сите европски земји имаат силен јавен радиодифузен сервис, сите европски земји имаат плурализам во медиумите, но не мислам на квантитет, ние имаме повеќе медиуми, туку мислам на еден мултиполитички плурализам“, рече таа.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, пак реагира дека во 2015 година имало масовно кршење на човековите права во земјава – почнувајќи од нелегалното прислушување, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата на протестите од 5 мај, а потоа и ограничувањето на правото да се протестира пред институциите, особено пред Владата, ограничувањето на слободата на изразување и дискриминацијата.