Анкетната Комисија за прислушувањето би била поефикасна ако почне да се занимава со разгледувањето на политичката одговорност, наместо што расправа за меѓусебни препирки и довикувања, сметаат дел од експертите. Некои од нив меѓутоа укажуваат дека резултатите на Комисијата се прилично ограничени бидејќи единствено што може да направи опозицијата е да ги изнесе пред јавноста аргументите.
Почетното отсуство на можност за договарање не делува оптимистички, но се надевам дека со времето ќе се зголеми притисокот од датумот за избори да се продуцира резултат.Сашо Клековски, универзитетски професор.
Аналитичарот Алберт Муслиу забележува дека Анкетната Комисија на крајот ќе има општи и нејасни заклучоци со оглед дека и поголемиот број од членовите се од владејачката партија со тоа што тие ќе го имаат последниот збор во носењето одлуки.
„И на крај пак ќе имаме политички препирки. Опозицијата ќе се труди да биде со што поостар вокабулар, а владеачката партија ќе се труди да биде со што понејасен и поопширен. Верувам дека некој извештај ќе спремаат, но не верувам дека ќе биде толку конкретен и јасен како што тоа се очекува“, вели Муслиу.
Анкетната Комисија за прислушувањето се формираше за да се утврди политичката одговорност за носителите на функциите на власта кои се детектирани во прислушувањето. Според експертите очекувањата на граѓаните се поголеми од Специјалната обвинителка, бидејки таа треба да ја утврди правната одговорност. Муслиу оценува дека политичката одговорност ќе биде сведена на политичко препукување. Затоа не е чудно што има жестоки дебати и што членовите ќе се трудат кај граѓаните спротивната страна да ја прикажат во што полоша слика, дополнува Муслиу.
„Секако се очекуваше најжестока политичка дебата во таа Анкетна Комисија, затоа што таа ќе ја одредува политичката одговорност а политичката одговорност најчесто има влијание во изборниот процес. Владеачката партија ќе се труди повеќе да го развлече процесот бидејки тема на „бомбите“ се луѓе од владеачката структура“, вели Муслиу.
Првиот извештај на Анкетната Комисија треба да биде објавен до крајот на јануари.
Политичкиот аналитичар Сашо Клековски нагласува дека исполнувањето на договорот од Пржино и во политичкиот и во правниот аспект е важен за одржување на изборите во април наредната година. И Анкетната Комисија и Специјалниот Јавен Обвинител се неопходен услов за одржување на изборите и од тој аспект Комисијата мора да ја заврши работата со заклучоци кои ќе бидат прифатливи за Комисијата, вели Клековски.
„Почетното отсуство на можност за договарање не делува оптимистички, но се надевам дека со времето ќе се зголеми притисокот од датумот за избори да се продуцира резултат.“
Сепак Клековски дополнува дека се додека сме сведоци на многу невкусни дебати, дискриминација, навреди, не може да се создаде околина за договарање и во тој случај ќе има продлабочување на кризата.
Собраниската Анкетна Комисија за скандалот со прислушувањето на својата последна заседаваше, не постигна речиси никаков договор. Премиерот Груевски, кој беше повикан да сведочи, го презакажа своето присуство за в понеделник, а нов термин понуди и министерот Ставрески. Функционерите од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да сведочат на затворена седница, поради, како што рекоа, доверливиот материјал. Претседателот на комисијата одговори дека таквото барање е преурането. Седницата помина со меѓусебни препирки и довикувања.