Најавата за две нови барокни згради во рамки на комплексот факултети на УКИМ, немањето Студентски парламент, како и бесплатниот превоз за студентите се само дел од проблемите кои ги нотира Студентскиот Пленум.
Кој не само што не се вклопува со ништо во веќе изграденото во кампусот, сметаме и дека не треба да се зборува за иронијата да се гради барокна зграда за факултет за информатичка технологија и компјутерско инженерство. Сметаме дека самиот избор на барок е длабока навреда за студентите кои треба да се, а и се движечка сила во државата.Орхан Сулејмани, студент.
Студентскиот пленум реагира на најавата за изградба на две барокни факултетски згради во Комплексот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Велат дека одлуката за тоа е проблематична од повеќе аспекти. Според нивни сознанија, Сенатот никогаш не донел одлука за градење нови објекти, со што сметаат дека е направен своевиден упад во универзитетската автономија, а како второ велат дека самата локација е проблематичка, односно тоа би ја влошило и онака лошата сообраќајна состојба и би уништило многу од зеленилото и дрвјата околу факултетите. Проблематичен за нив е и изборот на барокен стил за факултетите.
„Кој не само што не се вклопува со ништо во веќе изграденото во кампусот, сметаме и дека не треба да се зборува за иронијата да се гради барокна зграда за факултет за информатичка технологија и компјутерско инженерство. Сметаме дека самиот избор на барок е длабока навреда за студентите кои треба да се, а и се движечка сила во државата“, вели студентот Орхан Сулејмани.
Дарко Малиновски од Студентскиот пленум вели дека Студентскиот парламент веќе подолго време не ги застапува правата на студентите, а тоа, како што вели, се забележа и тогаш кога се носеше Законот за високо образование и преку нивната пасивност во однос на условите во кои живеат студентите. Веќе една година е истечен мандатот на Студентскиот парламент.
„Ќе се обидеме институционално, ќе се обидеме да имаме некоја соработка со ректоратот за конечно решавање на прашањето со Студентскиот парламент, како тоа ќе до изведеме подоцна ќе објасниме. Бараме институционална соработка, доколку таква нема, тогаш ќе одиме и кон вонинституционални мерки, меѓутоа решени сме конечно да имаме легални и легитимни претставници на студентите коишто доследно ќе ги бранат нивните интереси . А за да се изберат претставници, мора да има избори во рамките на Универзитетот, тоа не значи дека Студентски пленум нема да продолжи да постои“, вели Малиновски.
Запрашани дали се запознаени со писмото кое кружи по социјалните мрежи со кое наводно се повикуваат студентите да се приклучат кон Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за да добијат повисоки оценки, велат дека не се запознаени со тоа.
„Доколку членството во некаква партија претставува услов за поправање оценки или пак подобрување на нечиј успех, тоа е апсолутно недостојно и срамно“, вели Малиновски.
Од Студентски пленум реагираа и на најавата на премиерот за бесплатен превоз за редовните студенти од државните факултети. Велат дека мерката е добредојдена во Македонија каде има 50 проценти младинска невработеност и би значело олеснување за студентите, но го спорат тајмингот за одлуката и сметаат дека е своевидна злоупотреба за предизборни цели.
Група новинари кои го следеа пресот на Студентски пленум побара реакција и од Ректорот Велимир Стојковски, но поради состаноците на кои морало да присуствува не беше во можност да даде изјава.
Поради проблемите на студентите тие го организираат Ад Хок фестивалот, како соодветна реакција на секоја владина акција. Велат дека со ова сакаат да испратат порака до студентите да го чувствуваат Универзитетот како свој дом и одново да се исправат пред предизвикот да ја одбранат автономијата на Универзитетот.