Руинираните студентски домови и лошиот студентски стандард се првите проблеми за кои беа предупредени бруцошите на првиот академски час од нивните постари колеги од Студентскиот пленум. Тие ги пречекаа своите идни колеги на платото пред универзитетот Св. Кирил и Методиј, каде што им делеа информативни летоци во кои објаснуваат за што се борат.
Најголем проблем се студентските домови во кои живеат нашите колеги кои доаѓаат од другите градови. Тие имаат руинирани студентски домови, но палмите имаат тушеви, тоа за нас ќе биде примарниот проблем. Исто така проблем ни е и студентскиот парламент кој не сака да ги брани правата на студентите.Демијан Хаџи-Ангелковски, Студентски пленум.
Студентскиот пленум ги повика бруцошите да им се придружат во борбата против лошите образовни реформи, против проблемите кои со години наназад не се решаваат. Демијан Хаџи-Ангелковски од пленумот вели дека студентската борба продолжува и наскоро ќе објават кои ќе бидат нивните следни чекори.
„Најголем проблем се студентските домови во кои живеат нашите колеги кои доаѓаат од другите градови. Тие имаат руинирани студентски домови, но палмите имаат тушеви, тоа за нас ќе биде примарниот проблем. Исто така проблем ни е и студентскиот парламент кој не сака да ги брани правата на студентите“, вели тој.
Студентскиот пленум брои илјадници членови студенти, кои мината академска година ги организираа најмасовните студентски протести во историјата на земјава. Хаџи-Ангелковски додава дека бројот на студенти кои членуваат во пленумот се зголемува.
„Се разбира дека има интерес кај бруцошите, голем дел од нив беа учесници и во Средношколскиот пленум, па сега ја продолжуваат својата борба за подобро образование во Македонија преку Студентскиот пленум“, вели тој.
Студентите бараат нов закон за високо образование кој е контрадикторен, поради честите измени и ја повредува автономијата на универзитетот. Тие велат дека условите на факултетите и пристапот до материјали за работа се оскудни, а соодветната литература и опрема недостапна. Студентите бараат и подобрување на студентскиот стандард кој е на ниско ниво.
Минатата година студентите ги „окупираа“ факултетите и прогласува автономни зони во знак на протест против лошите образовни реформи.
По низата протести и 14 дена окупација на факултетите, Пленумци постигнаа договор со власта за изработка на нов закон за високо образование во чие креирање заедно со надлежните кратко се вклучија студентите и професорите и ги ставија во мирување измените во постојниот закон со кој се предвидуваше полагање на државен испит. Поради политичката криза, таквиот договор со Министерството за образование брзо беше раскинат, затоа што според нив, оваа Влада е нелегитимна.