Иако досега избегнавме инциденти и поголеми проблеми, морам да кажам дека во нашите земји никој не смее да седи во кал и ѓубре и премрзнат да чека да му се дадат документи, изјави денеска српскиот народен правобранител Саша Јанчевиќ, при заедничката посета со неговиот македонски колега Иџет Мемети на двата прифатни кампа на границата меѓу двете земји.
Не е потребно познавање на нуклеарна физика за да се направи подобра стратегија со која ќе им се овозможи на бегалците похуман третман во прифатните центри.Саша Јанчевиќ, народен правобранител на Србија.
„Похумано и почовечно да ги третираме луѓето кои доаѓаат од војна. Тие заслужуваат помош и достоинствен транзит. Не е потребно познавање на нуклеарна физика за да се направи подобра стратегија со која ќе им се овозможи на бегалците похуман третман во прифатните центри“, рече Јанчевиќ.
Мемети рече дека неговиот впечаток е дека условите во прифатните центри се далеку од добри и дека уште многу треба да се работи.
„Снегот во Македонија ќе стигне пред реализацијата на плановите на македонската влада за подобрување на условите во прифатните кампови“, рече Мемети.
Тој смета дека итно треба да се подобрат условите во камповите и да се подобри координацијата меѓу камповите во Македонија и во Србија, а исто така бара и подобра соработка меѓу македонските институции.
Не може да се дозволи луѓето со инвалидски колички да го поминуваат патот од Табановце до Миратовац, вели Мемети. Тој предлага возот од Гевгелија да не застанува во Табановце, туку да продолжи до Прешево, нешто налик на примерот на Хрватска.
Бегалците со кои поразговаравме и во кампот во Табановце и во кој во Прешево, велат дека најмногу им пречи нехуманиот третман во македонските возови и студеното време, затоа што мораат навечер да преноќат во Табановце на ниски температури.
Во кампот во Табановце секоја вечер преноќуваат по околу 500 луѓе без никакво греење.
Од Македонскиот Центар за управување со кризи, велат дека тој проблем ќе биде решен до крајот на неделава. Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи вели дека не смета оти нивните подготовки за зимата се задоцнети, затоа што текот на движењето на мигрантите и бегалците во последните две недели е сменет, со одлуката во Македонија да се пропуштаат само бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак. Тие претходно само транзитираа без воопшто да се задржуваат, а веќе во последните денови тие преноќуваат во Табановце.
Само во последните 48 часа од Македонија во Србија влегле околу 8 илјади бегалци.