Пломп - Да се прави разлика меѓу политичката и законската одговорност

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пломп - Да се прави разлика меѓу политичка и законска одговорност

Собранието е најважната политичка институција, каде треба да се утврдува политичка одговорност, а во исто време Специјалната обвинителка треба да може да ја заврши својата работа кога станува збор за законската одговорност, вели холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Пломп. со оглед на досегашното проблематично спроведување на договорот од Пржино, какви се вашите очекувања за создавање на минимум фер и демократски услови за спроведување на избори?

Прво да кажам дека јас стигнав пред само 100 дена и дека не бев тука во јуни и јули кога е постигнат договорот од Пржино. Како што разбрав, тоа бил долг процес, што е многу разбирливо имајќи ги предвид комплексните прашања и високиот влог на сите политичките партии. Но, она што мислам дека е важно, е дека на крајот на процесот, сите политички партии се согласија и ставија свој потпис на овој Договор од Пржино. Тоа е она што го имаме сега. Кога ќе го погледнеме спроведувањето на договорот, мислам дека е постигнат одреден важен напредок, како што е на пример враќањето на опозицијата во парламентот, нешто што не треба да се потцени, затоа што Собранието сега е онакво како што треба да биде, каде што се одвива политичка дебата, каде што се подготвуваат законите. Исто така е назначен и Специјалниот јавен обвинител и сега е екстремно важно таа да може да си ја врши својата работа, и сите институции што се инволвирани да работат заедно и да ѝ овозможат да си ја врши својата работа. Во исто време неколку прашања сè уште треба да бидат разрешени, а едно од најважните е поврзано со изборите следната година. Ќе има еден вид на преодна влада, некои чекори се веќе преземени, некои сè уште треба да се преземат и екстремно важен дел е поврзан со медиумите, бидејќи слободни и независни медиуми, објективни медиуми, се многу значајни. И конечно, гарантираното право на глас е екстремно важен елемент. Кога дознав, при доаѓањето тука дека, според една анкета, 32 проценти од населението не мислат дека гласањето е целосно тајно во Македонија, и овој процент сезголемил од претходните минатогодишни анкети, на кои бил 22 проценти, би рекол дека тоа е загрижувачки, затоа што, колку што јас знам, гласањето навистина е тајно во Македонија и многу е важно сите луѓе да можат да гласаат и да гласаат, да го искажат својот избор следната година, затоа што тоа е и еден вид граѓанска одговорност. И граѓаните тука имаат одредена одговорност. Сепак, главна одговорност за успехот на Договорот од Пржино и за успешноста на изборите догодина, без оглед каков ќе биде исходот, лежи во Владата, во Собранието и во институциите и можеби во овој момент во политичките лидери на четирите партии кои го ставија својот потпис на договорот од Пржино, и мора да се потрудат да направат да функционира.

Што мислите дека е суштински предизвик и за Владата и за опозицијата во оваа фаза или во следната фаза од преговорите? Што мислите дека ќе биде круцијалниот предизвик?

Па она што го дознав од медиумите, она што го прочитав и што го слушнав, се разбира, е дека самите медиуми се главното нешто во моментов и ако ги погледнете роковите, неколку рокови се веќе пропуштени, за жал. Часовникот отчукува, ако може така да кажам, до 24 април следната година. Така што екстремно е важно да се постигне договор за медиумите кој ќе се однесува и на изборите догодина и на долгорочни решенија кои ќе гарантираат дека навистина медиумите ќе може да ја одиграат својата улога како што треба, во која било демократија. Повеќето демократии, ако не и сите, имаат одредени правила кои гарантираат дека медиумите ќе може да ја одиграат суштинската улога во обезбедувањето на информации, факти и информации за граѓаните. На пример, многу е важно да има јасна дистинкција меѓу политичкото рекламирање и објективните новинарски извештаи од страна на сите медиуми, без разлика дали се приватни или јавни медиуми.

Што мислите вие, какви долгорочни решенија ни се потребни за медиумите за да може да се обезбеди објективно известување во екот на предизборитето?

Знаете, не е на меѓународната заедница да каже како треба да биде, на крај македонските граѓани треба да најдат македонско решение кое ќе биде соодветно за македонскиот контекст. Кога го велам тоа, се разбира дека има многу правила во многу земји членки на ЕУ, како и надвор од ЕУ, има многу добри практики и можеби е важно да подвлечам дека веќе има меѓународен олеснувач кој навистина дава сè од себе да го олесни овој процес во работните групи да изнајдат решение, да се изнајде решение кое е соодветно на македонскиот контекст и кое во исто време е на иста линија со постоечките правила во многу демократии.

Вашата амбасада со години финансира проекти за подобрување на демократските вредности во земјава. Дали сте задоволни од резултатите од тие проекти ако го имаме на ум фактот дека земјава, според европските показатели, назадува во демократијата?

Како прво, ние навистина веќе долго време сме партнери на Македонија и морам да кажам дека сум горд што мојата земја даде голема помош во изминативе десет години во вредност од 200 милиони евра за повеќе програми и проекти, секогаш на барање на македонските граѓани. На пример, институциите, како што се македонскиот Катастар, Царината, навистина се развија во, би рекол, одлични институции и ако помошта од Холандија одиграла улога во тоа, јас сум навистина среќен за тоа. Ние сè уште продолжуваме да даваме помош за Македонија, на пример за прашањата за човековите права, за медиумите, за демократската одговорност и ќе продолжиме со тоа. Ако ме прашувате дали сум задоволен со резултатите, во која било земја, техничката помош може да одигра одредена улога и тоа секогаш е процес на обиди и грешки и мислам дека можеби најважен аспект е што луѓето продолжуваат да учат. Тоа се однесува на луѓето кои даваат помош, но исто така се применува и врз институциите и луѓето кои работат со други институции. Можеби да се стимулира ставот за учење, критичкиот став, па дури и партиципативен став е еден од најважните резултати кои може да се надеваме да ги постигнеме.

Анкетната комисија за прислушуваните разговори заглави уште на самиот почеток од работата. Очекувате ли да има позитивен исход од нејзината работа ако погледнеме во досегашното искуство, од слични анкетните комисии досега немаше реална корист за општеството?

Мислам дека е многу важно тука да се направи јасна дистинкција меѓу политичката одговорност и законската одговорност. Кога се зборува за политичка одговорност, логично е дека Собранието е најважната политичка институција, која треба да ја одигра главната улога. Затоа во Собранието е формирана таква анкетна комисија. Мислам дека е добар знак тоа што е постигнат договор за составот на Анкетната комисија, дека Анкетната комисија започна со работа. Важно е што сите соработуваат и комисијата ќе може да ја врши својата работа за да ја утврди политичката одговорност, а во исто време се разбира и Специјалниот обвинител да може да ја заврши својата работа и сите институции да соработуваат за да ѝ овозможат да си ја заврши својата работа кога станува збор за законската одговорност. Се разбира, овие прислушувања содржат многу сериозни обвиненија кои треба да бидат утврдени и затоа е потребна истрага која е многу важна за да се утврди и политичка и законска одговорност.

Дали очекувате политичарите кои во јавноста се инволвирани во аферата за прислушување да покажат политичка зрелост во оваа комисија и да покажат политичка одговорност за нивните дела?

Сè што можам да кажам е дека кога е потпишан договорот од Пржино, во јуни и јули, тој е потпишан со слободна волја и со искрени намери од четворицата лидери на четирите најголеми партии, така што можам само да кажам дека штом политичките лидери го ставија својот потпис на политичкиот договор, тие исто така треба да направат сè што е во нивна можност тој да успее, да го спроведат во дело за да има колку што е можно подобри избори во април следната година.

Работата на Специјалниот јавен обвинител треба да биде општествен показател за насоката во која ќе се движи земјава, кон подобро или полошо. Какви се вашите очекувања ако на ум ги имате досегашните проблеми и опструкции уште пред Јанева да почне со работа?

Дозволете ми да кажам дека ова не е лесна работа, водењето на нова институција, но во секоја земја специјалниот обвинител е тоа што е – нешто специјално. Тоа што не почна веднаш со работа е сфатливо, но именувањето на специјалниот обвинител многу јасно беше еден од клучните елементи на договорот од Пржино. Прислушуваните разговори што таа треба да ги истражува беа во центарот на политичката криза порано оваа година, и се разбира дека е неопходно, како што реков, сите институции да работат заедно за да овозможат специјалната обвинителка да си ја работи својата работа и да може да истражува како што треба и да има некаква законска одговорност кога ќе дојде време за тоа.

Што мислите, дали судот има капацитет да се справи со можни обвиненија кои Јанева е можно да ги достави до април следната година во врска со луѓе кои сега се во Владата за кои ние очекуваме дека дел од нив ќе бидат на избирачките листи следната година?

Тоа се правни прашања за кои не би можел да шпекулирам. Сè што можам да кажам, повторно, е дека овие политички лидери ставија потпис на договорот и можеби тоа е нешто што не го реков досега, дека договорот е дел од напредокот што го направи државата и тоа треба да биде оценето од Европската унија кога ќе дојде до приемот на Македонија во Унијата. Вие веројатно го видовте извештајот за државата што беше објавен неодамна. Во презентацијата беше јасно наведено дека спроведувањето на договорот од Пржино исто така е дел од мерките што се очекуваат од Македонија при оценувањето на напредокот што го направила државата. Затоа навистина е неопходно, пред сè за македонските граѓани, договорот да се спроведе целосно, но исто и за ЕУ ако Македонија сака да влезе во Унијата.

Извештајот на Европската комисија за прв пат годинава без дипломатски ракавици ги адресираше вистинските проблемите во земјава, што мислите кое е клучното влијание во заострувањето на речникот во Извештајот?

Не мислам дека извештајот дојде како изненадување, затоа што, особено оваа година, меѓународната заедница беше доста вклучена, како ЕУ, така и ОБСЕ, САД, имаше многу актери од меѓународната заедница кои беа прилично вклучени во Македонија и ако ја гледаме ЕУ, тука беше и извештајот на Прибе порано годинава, после итните реформи и приоритети и овој извештај содржеше доста од работите нотирани и во извештајот за напредокот на државите, така што содржината не беше изненадувачка. Важната работа е што на одреден начин Македонија доби еден вид преоценување за после изборите. Тоа исто така значи дека начинот на кој ќе бидат спроведени изборите е многу важен критериум за оценувањето на напредокот што го прави Македонија. Она што Европската комисија всушност го направи е ја одложи оценката за по изборите и по изборите ЕУ ќе се наврати на ова прашање.

Што очекувате да се случи по изборите, кои се вашите очекувања?

Мислам дека е премногу рано и не е мое да шпекулирам. Јас многу се надевам дека тие избори ќе бидат слободни и фер и колку што е можно повеќе Македонци ќе го искористат своето право да гласаат и да се изјаснат, да направат политички избор, затоа што за тоа служат изборите.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Македонија и Кралството Холандија и што треба да се преземе за да се подобри?

Ние сме многу задоволни со начинот на кој се развиваше економската соработка. Има стотина холандски компании или компании кои потекнуваат од Холандија кои се активни во Македонија. Трговската размена порасна за 20 проценти изминатата година, има добар развој. Кога ги посетив местата во земјава, исто така посетив и компании, видов дека се случуваат многу работи, на пример во земјоделство, со тоа што се користат одличната македонската клима и почва за многу земјоделски производи, кои исто така се извезуваат во други земји. Потоа текстилната индустрија, каде квалитетот на работата во Македонија е многу високо оценет од инвеститорите од мојата земја. Потоа дизајнот. Има една многу интересна македонска компанија која ја користи Холандија како центар за извоз на своите производи во земјите од цела Европа. Има многу добри примери. Ако ме прашувате што може да се направи подобро, ние како амбасада се трудиме да ги зајакнеме овие контакти. На пример, ние сме многу среќни што многу холандски туристи доаѓаат тука секоја година. Мислам дека оваа година 30 илјади луѓе дојдоа од Холандија во Македонија. Тие доаѓаат од многу добра причина, тие навистина ја сакаат оваа убава земја. Ако ме прашувате што може да се направи подобро, тогаш се враќаме на истите прашања за кои зборувавме на почетокот. Тоа е поврзано со владеењето на правото, со политичката стабилност, со правната сигурност, како и со борбата против корупцијата.