Потребна поголема координација за мигрантите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мемети и Бринек на македонско-грчката граница

Народните правобранители на Македонија и Австрија велат дека се уште има многу работа за да им се овозможат хумани услови на бегалците, а констатирале и дека нема добра координација меѓу институциите.

Се уште нема хумани услови и третман на бегалците и мигрантите во Република Македонија. Слаба е координацијата меѓу институциите, а на кризата и треба мултидисциплинарен пристап. Ова се дел од забелешките и заклучоците на Народниот правобранител на Македонија Иџет Мемети, откако денеска го посети транзитниот центар Винојуг на македонско грчката граница заедно со Народната правобранителка на Австрија Гертруде Бринек и претставникот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации во Скопје (УНХЦР) Мохамед Ариф.

Да се постават подобри шатори, подобри услови, да се подобри процесуирањето на овие лица и воопшто да се понудат услови коишто повеќе одговараат на почитувањето на човековите права.
Гертруде Бринек, Народна правобранителка на Австрија.

„По однос на општите услови кажав дека не се на ниво. Посакувам што побргу да се организира кампот на начин како што доликува и сите што влегуваат во Република Македонија би имале услови за хуман престој и хумано постапување“, рече Мемети.

Околу 500 бегалци попладнево минаа низ транзитниот центар на пат кон Западна Европа, а десетина беа спречени поради фалсификувани документи, информираа службите за безбедност.

Мемети рече дека за подобрување на состојбите е потреба добра координација меѓу институциите и меѓу државите во регионот. Тој истакна дека забележал многу ранливи групи, како жени и деца, но дека немало претставници на Министерството за труд и социјална политика.

Народната правобранителка на Австрија Гертруде Бринек изјави дека најголемиот предизвик ќе бидат подготовките за зимата.

„Да се постават подобри шатори, подобри услови, да се подобри процесуирањето на овие лица и воопшто да се понудат услови коишто повеќе одговараат на почитувањето на човековите права“, вели Народната правобранителка на Австрија Гертруде Бринек.

Претставникот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации во Скопје (УНХЦР) Мохамед Ариф рече дека се уште постојат предизвици во областа на човековите права особено со луѓето кои не припаѓаат на групата на бегалците.