Новите мерки за селективно влегување од Грција во нашата држава и транзитирање на илјадници бегалци кон Србија го минимизираа бегалскиот бран на железничкиот граничен премин Табановце, на македонско-српската граница.
Едниот од нив е од Хаити. Пристигнале пеш. Чекаат да бидат регистрирани, а преку граница мора да одат со превоз. Деновиве сè повеќе се економски мигранти.волонтер за помош на мигрантите во Табановце.
Празни се бараките поставени за храна, вода, облека, хигиенски потрепштини и по некоја медицинска помош за бегалците. Кон крајот на ноември, кога и падот на температурите и дождот веќе го отежнуваат долгиот пат кон Германија, неколкумина момчиња до преминот пристигнале пеш. Тие не покажуваат страв, но во нивниот поглед се наѕира неизвесност и малку надеж за подобар живот, некаде многу далеку од нивните татковини.
Некои од хуманитарците волонтери со нив ја делат топлината од импровизирана печка во која догоруваат во близина собраните дрва. Еден од нив се обидува да ги исуши мокрите фармерки, додека другите двајца немо го гледаат.
„Едниот од нив е од Хаити. Пристигнале пеш. Чекаат да бидат регистрирани, а преку граница мора да одат со превоз. Деновиве сè повеќе се економски мигранти“, појаснува еден од волонтерите.
„Може да се каже дека секоја вечер има по 20-ина што седат тука. Меѓу нив сега се најповеќе од Мароко, Ирак, Иран и Авганистан. Овие пеш дошле од Гевгелија до тука, не можат да продолжат така, туку чекаат такси од полиција. Тука нема услови за спиење. Тие што одат во камповите некако се држат, иако нема кој знае какви услови. Ние им даваме пакети со храна и ќебиња“, вели волонтер од хуманитарната организација „Класје на добрина“ од Скопје.
Бегалците не сакаат да зборуваат или да бидат фотографирани.
И покрај тоа што бројот на бегалците значително е намален, на овој граничен премин се гради Транзитен центар, кој беше повеќе од неопходен летото и во раната есен, кога секојдневно пристигнуваа можеби и повеќе од илјада странци. Тие тогаш сами се снаоѓаа на патот кон Србија. Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи вели дека кампот, односно Транзитниот центар, мора да се доработи.
„На мигрантите што доаѓаат од Гевгелија тука ќе може да им се подели вода, храна, медицинска помош и сето она што ним им треба. Нормално е дека со одлуките на Владата, Транзитниот центар мора да биде приспособен за илјада бегалци дневно, а системот за управување со кризи подразбира институционално делување, координации и комуникации помеѓу институциите“, вели тој.
Според Стојановски, во центарот ќе бидат претставници од Министерствата за труд и социјална политика, за здравство, АРМ, Агенција за разузнавање и државна безбедност и други.