Зашиени усти на мигранти, полуголи машки тела со испишани пораки „Застрелајте не, но ние не се враќаме назад“ и „Отворете ги границите“ е сликата која денеска се гледа на македонско- грчката граница каде што повторно протестираат мал дел од мигрантите од „неконфликните подрачја “ на кои не им се дозволува преминување на границата.
Тие веќе шести ден протестираат на македонско – грчката граница и бараат да им се дозволи транзит. Дел од нив штрајкуваат со глад, одбиваат секаква хуманитарна помош и не сакаат да се вратат назад информираат грчките волонтери во Идомени на социјалните мрежи.
Навистина самото селектирање врз основа на националност создава една многу комплексна состојна на „црно и бело“, а тоа не помага во решавањето на една ваква комплексна состојба.Љубинка Брашнарска, УНХЦР.
Од УНХЦР велат дека на самата гранична линија во моментов има околу 50-тина луѓе кои мирно протестираат, додека останатите од големата група поради ниските температури се повлекле во прифатниот центар на грчка страна во Идомени каде што има над илјада економски мирганти. По одлуката за селекција на мигрантите, при регистрацијата на бегалците се наметнуваат и нови потешкотии кои УНХЦР се обидуваат да ги решат на индивидуална основа.
„На пример кога се работи за мешани бракови, семејства во кои што има различни државјани од различни држави, или пак има многу луѓе кои ги имаат изгубено своите лични документи или имаат регистрациски формулар, а немаат личен документ, или пак имаат личен документ, а немаат регистрациски формулар, тука се и Палестинците кај кои се уште покомплицирани работите и тоа како оваа не е лесна и проста ситуација. Навистина самото селектирање врз основа на националност создава една многу комплексна состојна на „црно и бело“, а тоа не помага во решавањето на една ваква комплексна состојба,“ вели Љубинка Брашнарска од УНХЦР.
Од МВР информираат дека нема големи застои во регистрацијата на бегалците кои доаѓаат од воени подрчја и дека засега состојбата на јужната и на северната граница е мирна.
Од пред неколку дена, кога земјите на балканската рута почнаа селекција, според која, право на транзит имаат само бегалците кои доаѓаат од земји зафатени со воени конфликти, бројот на економски мигранти на зглавени во меѓуграничната зона достигна и над илјада.
Додека нивниот број расте, вчера без конкретни решенија завршија средбите на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски, посветени на бегалската криза. Туск повторно вети помош но ни овој пат не презицираше каква.
До сега Европската Унија во неколку наврати вети пари и помош за справувањето со бегалскиот бран. Прво требаше Македонија со Србија да делат помош од 24 милиони евра, потоа стигна информација дека земјава ќе добие 17 милиони евра за кои подоцна се испостави дека дел од тие пари се достапни преку ИПА фодновите. Иванов коментираше дека Македонија до сега потрошила 10 милиниони евра од својот буџет за справување со речиси половина милион бегалци и мигранти кои поминале низ земјава од почетокот на годинава, и дека до сега од ЕУ не сме добиле ни финансиска ни техничка помош, ниту пак опрема за надзор и регистрација на мигрантите и бегалците, која претходно била побарана од Унијата.
Прашаењето околу Фронтекст и натаму остана нерешено. Професорот Стојан Славески смета дека Македонија мора да инсистира на поставување на мисијата на Фронтекст од грчката страна на границата и да се заостри контролата за да се одбегне ризикот земјава да стане колатерална штета.
„Делот од тие бегалци, ни се допаѓало тоа нам или не, но тоа мора да биде во склад со економските капацитети на државата и да не предизвикува одредени безбедносни закани. Во таа смисла треба да се разговара и преговара со ЕУ. “
Македонија се уште чека одговор од Брисел за распоредување на мисијата на Фронтекст на надворешната граница на ЕУ, односно на грчка територија. Туск во Скопје воопшто не го спомена Фронтекс, иако еден ден претходно, на средбата со српскиот премиер Александар Вучиќ, истакна дека „ЕУ работи на обезбедување на своите надворешни граници, со тоа што на грчко-македонската граница ќе биде поставен Фронтекс за да ги регистрира и да спроведе скрининг на мигрантите“. Минатиот месец Грција се спротивстави на распоредување на претставници на европската полиција на границата со Македонија.