САД се враќаат на Балканот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД се враќаат на Балканот

Учеството на американскиот потпретседател Џо Бајден на денешниот самит на Западен Балкан во Загреб, според оценките, го нагласува обновениот интерес на Вашингтон за регионот кој се справува со голема мигрантска криза. Во тој контекст е и посетата на државниот секретар Џон Кери на Србија, Косово и Грција.

Состанокот на врвот од процесот „Брдо Бриони“ е своевиден дијалог на Југоисточна Европа, Европската унија и Соединетите Држави за јакнење на стабилноста, сигурноста и благосостојбата во регионот со поддршка на Вашингтон и Брисел.

Ова е соопштено од Кабинетот на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ која заедно со словенечкиот претседател Борут Пахор е домаќин на самитот.

Според Пахор, пак, самитот има за цел зајакнување на соработката и на заемната доверба во момент на зголемени безбедносни ризици. Под тоа се подразбираат мигрантската криза и глобалниот тероризам особено по нападите во Париз.

„Соединетите Држави пристигнуваат во обид да спречат дестабилизација на регионот, во светлината на новите закани“, вели Лидија Цехулиќ Вукадиновиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Загреб.

Соединетите држави пристигнуваат во обид да спречат дестабилизација на регионот, во светлината на новите закани.
Лидија Цехулиќ Вукадиновиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Загреб.

Западниот Балкан се уште се соочува со голем број предизвици, од бавните економски реформи до кршливите меѓуетнички релации, но и со закани од домашни исламистички екстремисти, главно во Босна и Херцеговина.

Според аналитичарите, посетата на Бајден го сигнализира враќањето на интересот на Вашингтон за регионот, откако по деведесетите години од минатиот век го сврте своето внимание кон Блискиот Исток и Балканот и го отстапи на Европската унија.

„Соединетите Држави се вратија на масата. Европа не успеа да реши многу прашања во Западен Балкан“, вели Вукадиновиќ.

Во изминативе месеци стотици илјади мигранти и бегалци преку Грција и низ таканаречената балканска рута заминуваат кон северна Европа.

Оваа криза ги наруши односите меѓу земјите во регионот, а одлуката за одвојување на економските мигранти од бегалците би можело да предизвика дополнителни тензии.

Според оценките во Загреб, овој самит, четврти од 2013 година доаѓа во вистински момент и оти учеството на американскиот потпретседател Бајден ги рефлектира напорите на Вашингтон за поголема вклученост во безбедносните прашања во југоисточна Европа.

Во тој контекст се става и најавената европска турнеја на американскиот државен секретар Џон Кери во рамките на која ќе ги посети Србија, Косово и Грција.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека в понеделник Кери ќе престојува во Париз за да му се придружи на претседателот Барак Обама на отворањето на самитот за глобалните климатски промени.

Потоа тој во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

В среда Кери ќе ја посети Приштина каде што, според соопштението, ќе разговара за билатерални и регионални прашања.

На 3 декември тој заминува за Белград на состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, а истиот ден оди на Кипар.

На 4 декември Кери во Атина ќе се сретне со грчките лидери главно за бегалската криза и реформите во Грција.