„Вешта жена“ не е само натпревар на готвење

Манифестацијата „Вешта жена“ е избор на најубаво подготвени јадења. Покрај тоа жените учесници и гости подобруваат некои општествени состојби.

Иако Организацијата „Вешта жена“ од Тетово е препознатлива низ цела Македонија по манифестациите во кои жените се натпреваруваат која поубаво и поквалитено ќе подготви јадење, нејзините членки се горди на тоа што со текот на годините успеале да достигнат уште една поголема улога во општеството. Како никаде во друго место, „Вешта жена“, ги спојува различностите и ги соединува, вели претседателката Снежана Стојановска.

Имаме жени биле технолошки вишок, останале без работа, тие влегуваат во една фаза на депресија и каде што мисли дека со нејзе е завршено се. Ги оживуваме сите нивни позитивни страни што ги имаат.
Снежана Стојановска, претседателката на Организацијата „Вешта жена“.

„Во составот на Здружението, членките се од сите националности, од различни политички убедувања, различни верски убедувања, но со една единствена цел, преку дружењето меѓусебно, забавата, создаваме комуникација и мостови меѓу жените во кои сите различности не прават да бидеме еднакви. Преку овие запознавање на жените прво основно ги запознаваме жените од сопствените градови. Има жени кои живеат во еден ист град и воопшто не се познаваат“, објаснува Стојановска.

Често пати се случува жените да имаат проблематичен период во животот и потклекнуваат пред личните, семејните, па и општествените предизвици. Исто така има голем број примери во кои жените со свое учество во ваквите манифестации условно речено, застануваат на здрави нозе, вели таа.

„Имаме жени биле технолошки вишок, останале без работа, тие влегуваат во една фаза на депресија и каде што мисли дека со нејзе е завршено се. Ги оживуваме сите нивни позитивни страни што ги имаат. Ги едуцираме и ги изложуваме на јавноста да сфатат дека оваа жена без разлика што е технолошки вишок таа може да допринесе и за семејството и за себе и да се докаже пред сите тие дека вреди многу повеќе“, вели претседателката на „Вешта жена“.

Оние жени кои повеќе години се дел од натпреварите и самото функционирање на „Вешта жена“ имаат можност да стекнуваат уште повеќе општествени вештини кои им помагаат во секојдневието.

„Многу потешко излегуваат пред јавност. Преку нашите настани ние успеавме да голем дел од жените да сфатат дека она што е во семејството го прават во семејството можат да го направат и на друга страна“, вели Снежана Стојановска.

Натпреварите се организираат во вкупно 20 градови веќе 25 години. На пролет во секој град се избира највешта жена, а на есен има „Етно вешта жена“ натпревари. Една од главните карактеристики на есенски натпревари е тоа што собраните пари од продадените јадење се даваат во хуманитарни цели, односно на установите кои работат со деца со посебни потреби.