Достапни линкови

Без реформи уште 200 години нема да има родова еднаквост


Дваесет и една организација здружено ќе дејствува во Платформа за обезбедување на родова еднаквост и женски права. Претседателката на невладината организација Реактор, Неда Коруновска, во разговор за Радио Слободна Европа, зборува за плановите и целите на платформата, како и за тоа колку жените во Македонија имаат еднаква позиција во општеството.

Дваесет и една организација се вклучија во Платформата за родова еднаквост. Зошто се решивте здружено да делувате во насока на унапредување на родовата еднаквост?

Мислам дека можеме да сумираме две главни причини зошто организациите и активистите што работат на родовата еднаквост здружено ја формираа родовата Платформа. Прво, свесни сме дека напорите за родова еднаквост треба да се забрзаат и сметаме дека заеднички, здружено, солидарно, можеме да дадеме подобар придонес да ги поттикнеме процесите коишто треба да се одвиваат на национално и на локално ниво да бидат забрзани, бидејќи така како што во моментот течат реформите ќе ни треба долго време или повеќе од 200 години да навистина постигнеме родова еднаквост во македонското општество. Второ, формирањето доаѓа и како реакција на промоцијата на партијархалните вредности во општеството и усвојување на некои законски решенија коишто одат на штета на женските права и ја нарушуваат родовата еднаквост во Република Македонија. И трето, активистите и организациите сакаа да се солидаризираат и да направат една Платформа и за внатре, во самите организации, да можат да се градат капацитетите, меѓутоа и да се споделува веќе утврденото знаење.

Кои се целите кои си ги постави Платформата за родова еднаквост?

Ние имаме шест утврдени цели. Прво е усогласена и кохерентна легислатива којашто навистина се имплементира во пракса. Второ, да се обезбедат доволни и соодветни финансиски средства и други ресурси за имплементација на оние приоритети кои се утврдени во стратегиите и законите. Трето, сакаме да има функционална, ефективна и ефикасна родова машинерија, значи оние законски обврски како што е комисии по институциите, координатори, интерресорска група, комисија на ниво на собрание да функционираат на дневна основа и самите проактивно да реагираат на процеси коишто се ретроградни и проактивно да ја вградуваат родовата еднаквост во рамките на нивните институции. Четврто е застапување на родовата еднаквост пред органите. Ова се однесува на нас, ние сакаме да бидеме здружени, за да можат институциите кога сакаат да комуницираат го граѓанското општество да омаат еден контакт преку кој ќе ги споделуваат информациите, меѓутоа и ќе ја добиваат нашата експертиза. Понатаму ќе се потрудиме да ја подигнеме свеста во врска со постоечката стигматизација и маргинализација на жените во јавниот дискурс и ќе се бориме медиумите не да ги прикажуваат жените во некои традиционални и патријархални улоги со нивна стигматизација, туку навистина да се борат за надминување на овие стереотипи и последно е генерирање експертиза во функција и на јакнење на нашите внатрешни капацитети, меѓутоа и надворешните, во контекст на унапредување на родовата еднаквост.

Колку жените во Македонија имаат еднаква позиција во општеството и колку законските решенија, кои ги споменавте, негативно влијаеја на нејзината позиција?

За жал и покрај тоа што да речеме на стратешко законско ниво во Република Македонија има поставено големи приоритети и цели за унапредување на положбата, во многу области жените не се еднакви, трпат родово базирано насилство, немаат услови и засолништа, немаат пристап до здравствени установи, ниту пак се програмираат од инфраструктура, до други програми, имајќи ги предвид нивните потреби, да не зборуваме за маргинализација на жените на пазарот на труд и конечно неплатената семејна работа која што е во најголем дел нивен товар.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG