Трето издание на Фестивалот на театар на сенки „Сонот на облачето“

„Уживајте во магијата на сенките!“ е мотото под кое ќе се одвива претстојното, трето издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, што од 23 до 25 ноември, ќе се одвива во Младинскиот културен центар во Скопје. На манифестацијата ќе настапат уметници од САД, Шпанија, Србија и од Македонија, а организатор на ова несекојдневно културно-едукативно случување и натаму е театарот „Сенки и облаци“, кој годинава ја одбележува првата декада од своето постоење.

Уште од самиот почеток на времето, човекот соживеал со својата сенка. Вековите минуваат, а магијата во создавање на сенки со сопствените раце продолжува мистично да раскажува приказни.

Годинава одбележуваме 10 години од постоењето на театарот и затоа решивме да понудиме ново читање на една стара претстава. Како најпогодна ни се виде да биде тоа „Силјан Штркот“, бидејќи е автентична наша македонска приказна која е доволно интересна, доволно возбудлива, доволно необична за да ги заинтригира децата од најмала возраст.
Круме Стефановски, актер и прв човек на театарот „Сенки и облаци“, организатор на Фестивалот.

Со овие зборови Валерија Гуглиети, гостинката од Шпанија, ќе ги пречека посетителите на работилницата со која, всушност, ќе започне годинашното, трето издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, што од 23 до 25 ноември, ќе се одвива во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Потем ќе следува претставата „Танцот на рацете“ на нејзиниот театар „Сомбрас чинас“, за да првата вечер биде крунисана со изложба на лампи.

Во вторник воведот, во 18 часот, ќе го стори Американката Андреа Каспари која ќе одржи презентација на уникатни фигури од Индија, Кина, Тајланд, Индонезија и начини на игра со нив, за да потоа се случи и изведбата на домашната „Нашиот штрк Силјан“, што театарот „Сенки и облаци“ ја стокми по народното предание забележано од Цепенков на десетгодишнината од својата културно-едукативна мисија.

„Годинава одбележуваме 10 години од постоењето на театарот и затоа решивме да понудиме ново читање на една стара претстава. Како најпогодна ни се виде да биде тоа „Силјан Штркот“, бидејќи е автентична наша македонска приказна која е доволно интересна, доволно возбудлива, доволно необична за да ги заинтригира децата од најмала возраст. Ќе понудиме сосема нови колоритни позадини, новоизработени фигури коишто се впечатливи и мислам дека раскажувањето на веќе познатата приказна ќе даде една сосема нова димензија во целото гледање на неа“, вели Круме Стефановски, актер и прв човек на театарот „Сенки и облаци“, организаторите на Фестивалот.

Во среда, пак, на последната вечер од случувањето, ќе бидат прикажани „Волкот и трите прасиња“, самосвојното читање на познатиот текст што во случајов го потпишува „Фајрфлај шедоу тиатар“ од САД и веднаш потоа „Новогодишната ноќ на едно девојче“ од театарот „Ле студио“ од соседна Србија.

„Претставите што ги одбравме не се само од забавен карактер, туку во нив секогаш има едукативен момент и тоа е првенствено важно за децата. Театарот не е игротека. Не е нешто каде што тие ќе имаат можност да се истрчаат и да се забавуваат во некој половина час или час. Овде тие имаат прилика да одгледаат некоја претстава којашто ќе ги однесе на некое друго место, ќе им ја разбуди нивната имагинација и ќе знаат дека и дома можеби ќе можат да посакаат да си поиграат со сенки, бидејќи сенките се насекаде околу нас. Воедно секоја од претставите носи некоја порака, некоја едукативна жичка и мислам дека тоа ќе биде видливо за децата и родителите го препознаат на овој Фестивал“, појаснува Стефановски.

Инаку, колку за потсетување, „Сенки и облаци“ се основани во 2005 како неформална група на истомисленици, кои истата година ја подготвија својата прва претстава на театар на сенки „Баш челик“.

Влечејќи корени од Караѓоз уметничката традиција (воведена за прв пат во Македонија од Турците пред повеќе векови) нивните претстави прераснуваат во модерна изведба со едукативни елементи. Проектите на групата се со различни тематики и техники. Тие имаат визија за општеството како место каде луѓето ќе го искусуваат животот преку уметностите и едукација преку забава. Нивната мисија е да ги поттикнат луѓето ширум светот, а особено младите, да користат креативни модели и алатки за пренесување на пораки, подигнување на свеста и стекнување со животни вештини и способности.

На промоцијата на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ во 2013 година, Стефановски и собеседниците ја изведоа „Семе“, а минатата година и неговиот авторски текст „Девојчето, змејот и црните облаци“.

„Да опстане еден театар кај нас во овие услови и да нема никакви финансии од никаде е ѓаволски тешко. Сепак еве за среќа ние успеваме да опстоиме и по 10 години сè уште сме активни. Сето тоа прерасна и во Фестивал, носиме луѓе од страна коишто онака како што знаат и умеат го работат истото или барем слично на нас, така што мислам дека и покрај сè што се јавува како препрека навистина сме подготвени да се соочиме со непознатото и да продолжиме похрабро во иднина“, вели тој.

Конечно, билетите за следење на претставите ќе се продаваат по цена од симболични 120 денари, а Фестивалот се одвива со симболична помош од Министерството за култура и по прв пат од Град Скопје.