На околу 150 мигранти од Иран, Мароко, Либан и Пакистан во изминатите 12 часа не им беше дозволено да влезат во македонскиот прифатен центар во Гевлелија.
И јас сум човек и тој е човек , но зошто мене не ме пуштаат. Полицијата ни вели само оди, оди, врати се во Иран. А таму парите ми ги земаат за војна, не можам да ги трошам за подобар живот.мигранти од Иран кој чекаше зад оградата на прифатниот центар во Гевгелија.
Волонтерите на УНХЦР во Центарот во Гевгелија велат дека над 50 мигранти синоќа биле вратени на грчка територија, додека останатите околу 90 останале да чекаат зад оградата на прифатниот центар.
Во МВР потврдуваат дека од вчера вечер ги пропушаат само мигрантите што доаѓаат од воени подрачја, односно од Сирија, Ирак и Авганистан, но не и економските мигранти. Велат дека добиле писмено известување од Хрватска, дека таа земја ќе ги враќа назад мигрантите кои не доаѓаат од воените жаришта, а такво известување добиле и од Србија по телефонски пат.
Екипата на Радио Слободна Европа зборуваше со дел од тие што останале зад оградата. Тие се жалат дека ова е нечовечка постапка, и како што велат дискриминација. Бараат да им биде дозволено да стигнат до нивната крајна дестинација, некоја од западно-европските земји.
„И јас сум човек и тој е човек, но зошто мене не ме пуштаат. Полицијата ни вели само оди, оди, врати се во Иран. А таму парите ми ги земаат за војна, не можам да ги трошам за подобар живот“, ни рече еден мигранти од Иран кој чекаше зад оградата на прифатниот центар во Гевгелија.
Друг, пак, мигрант од Мароко вели дека е дојден со мали деца.
„Зошто да чекам, пуштете ме, сакам во Германија“, вели тој.
Нашата екипа не забележа дека се поставува ограда на македонско-грчката граница, од македонска страна, како што пишуваа некои медиуми. И од АРМ и од МВР демантираат дека се поставува ограда. Полицијата вели дека само ги зајакнува контролите.
Во прифатниот центар во Гевгелија е забележливо зголемено присуство на гранична полиција и специјални полициски сили, а во близина се донесени и водени топови. Прифатниот центар во моментот на нашата посета беше празен. Мигрантите кои доаѓаат од воените региони со автобуси и со такси возила се превезуваат до Табановце.
Волонтерите со кои зборувавме велат дека македонските власти доцна синоќа им соопштиле на полицајците да селектираат луѓе за влез во земјава, односно да се пропуштаат само луѓе од воени подрачја.
Слична е ситуацијата и на српската граница, велат од УНХЦР. Српските власти не дозволуваат влез за околу 200 мигранти кои не доаѓаат од воени подрачја. Од УНХЦР велат дека голем дел од мигрантите се во пунктовите, дека им е дадено храна и вода, но една група на луѓе се на наоѓа на пограничната линија и се седнати во последната македонска нива надевајќи се дека со тоа ќе извршат притисок врз српската полиција и ќе издејствуваат влез на српска територија. Волонтерите велат дека има засилено полициско присуство, но нема тензии.
Дел од мигрантите кои не се пуштени немале документи или имале нецелосни, па затоа не се пуштаат.
Иако испративме прашања до МВР за тоа дали се поставува ограда и кога е донесена одлуката за селекција на мигранти, од таму засега нема одговор.
Активистите на невладините пак информираат дека проблем со регистрација имале оние мигранти кои немале документи во кои е заведен нивниот влез во Грција.