Пензионерите и старите лица чести жртви на измами

Седиштето на Здружението на пензионери во Тетово.

Тетовската полиција зачестено бележи измами кои ги пријавуваат пензионери пред сè во времето кога се исплаќаат пензиите во почетокот на месецот. Не ретки се случаите кога постарите лица остануваат без својот имот и поради најблиските.

Пензионер од Гостивар во пријавил дека измамници му ја одзеле целата пензија од 14 илјади денари. Две непознати лица му рекле дека претходно им се случила сообраќајна несреќа и дека едниот од нив е странец од Кувајт и не знае како изгледаат овдешните пари. Му рекле да им даде пари и да ги почека да се раздолжат за сообраќајката, а како гаранција му дале лажен златен часовник. Пензионерот по долго чекање сфатил дека е измамен. Ова е еден од начините на кој измамници знаат да им ги одземат парите пред сè на пензионери во првите денови од месецот кога се исплаќаат пензиите.

Главен таргет на измамниците обично се постари лица, неупатени со нарушено здравје, или од подалечните планински села. Ним измамниците брзо и лесно им продаваат разно разни приказни само за да дојдат до пари односно до нивните пензии.
Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

„Главен таргет на измамниците обично се постари лица, неупатени со нарушено здравје, или од подалечните планински села. Ним измамниците брзо и лесно им продаваат разно разни приказни само за да дојдат до пари односно до нивните пензии. Со оглед на фактот дека претходните години неретко се случуваа вакви измами СВР Тетово повторно апелира до граѓаните и пред се до повозрасните да внимаваат со кого воспоставуваат контакт и да не не наседнуваат на измислени приказни и да не прифаќаат сомнителни производи и услуги, а доколку сретнат сомнителни лица потенцијални измамници веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица“, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Стојан Соколовски од тетовското здружение на пензионери вели дека од нивните членови нема слушнато за ваков вид измама. Од друга страна кажува дека чести се семејните недоразбирања околу имот во кој пензионерите поради неупатеност остануваат без својата сопственост.

„Има пензионери кои се соочуваат со други проблеми. На пример пензијата да ја земе синот или ќерката, па да не му ја даде пензијата па да остане човекот без ништо. Или имаме препишување на имотот, куќа или стан, но пензионерот останува на улица. Случај еден утринава имавме овде еден човек од Вратница. Човекот се жали дека не е препишан имотот на децата, но тие не го сакаат и бара сместување дали може да се смести овде или било каде во домовите“, вели Соколовски.

Во евиденцијата на полицијата досега се бележат 12 пријави на постари лица кои на разни начини биле измамени или оштетени.