По налог и иницијатива на премиерот Груевски кој го посети Охрид, десетчлено семејство по 15 години живот во трошна барака доби стан. Груевски по средбата со охриѓанец кој боледува од рак на кожа, даде насоки да се распише тендер за лекот, а додека трае постапка веднаш да се направи интервентна набавка и тој да биде ставен на позитивната листа.
Тоа всушност го демантира целиот систем на државата затоа што ако е доволно еден човек да ги решава сите проблеми во државата, тогаш не треба да постојат ниту министерства, ниту институции што се задолжени да го прават токму тоа што го прави премиерот.Митко Гаџовски, политиколог.
Ова се само дел од информациите во медиумите за средбите на премиерот со граѓаните на кои тие од него бараат помош, а тој веднаш, често и преку телефонски разговори ги решава нивните проблеми.
Според политикологот Митко Гаџовски, ваквото претставување на премиерот во јавноста е во функција на предизборна кампања, но тоа отвора и други прашања поврзани со функционирањето на државата.
„Тоа всушност го демантира целиот систем на државата затоа што ако е доволно еден човек да ги решава сите проблеми во државата, тогаш не треба да постојат ниту министерства, ниту институции што се задолжени да го прават токму тоа што го прави премиерот“, вели Гаџовски.
Професорот на универзитетот на Југоисточна Европа Сефер Тахири, пак, посочува и на друг проблем кој излегува на виделина по ваквите настапи. Тој го отвора прашањето дали личните интервенции на премиерот за решавање на проблеми на поединци покажуваат дека институциите кои имаат ингеренции тоа да го прават всушност досега не функционирале.
„Се прави една неправедна селекција, дури би рекол и една дискриминација, бидејќи што станува со граѓаните, односно населените места што премиерот нема да ги посети? Дали тоа значи дека нивните проблеми ќе останат нерешени, бидејќи премиерот како претседател на политичка партија што е на власт не отишол да ги посети“, вели Тахири.
Според него, се работи за маркетинг кампања во која биле таргетирани одредени етнички заедници како Македонците-муслимани или категории граѓани како социјално ранливите лица. Тоа е легитимно додава тој, но сепак како премиер тој има должност да се однесува исто кон сите граѓани на државата и да не ги дели по која било основа.
Инаку, ваквите посети на премиерот почнаа летово и речиси на секоја од нив тој „во живо“ пред медиумите ги решава проблемите, па при посетата на пример на Жировница, тој ѕвонеше кај министрите за внатрешни работи, за здравство, кај директорот на Фондот за здравство, а му подели и задолженија на градоначалникот.