Стечајните работници од Здружението „УНИТ“ од Куманово, Липково и Старо Нагоричане деновиве по петти пат ќе го поднесат на разгледување со надеж и усвојување на нивниот предлог закон за обесштетување на оваа категорија граѓани. Според Љиљана Ѓорѓиевска тие очекуваат поддршка и од СДСМ. Овој Предлог Закон во меѓувреме е изменет.
Имаме по 18, или 19 години работен стаж а, девет или осум години платен. Зашто кога е одработен стажот, тоа ќе биде подобро и за стечајците и за државата, која на еден начин ќе не згрижи и нема да има обврски кон нас.Љиљана Ѓорѓиевска, УНИТ.
„Имаме измени и дополни во возрасната граница. За жени е сега 52, наместо 50 години, а за мажи 55 наместо 52 затоа што ние старееме. Внесовме и нередуциран стаж бидејќи имаме право за докуп на стаж, а по предлог законот на Владата, а ние имаме одработен стаж што не ни е платен, така што само треба да ни биде признаен, за да имаме повисока пензија“, вели Ѓорѓиевска.
Таа смета дека тоа се малку и олеснителни околности за Владата.
„Имаме по 18, или 19 години работен стаж а, девет или осум години платен. Зашто кога е одработен стажот, тоа ќе биде подобро и за стечајците и за државата, која на еден начин ќе не згрижи и нема да има обврски кон нас, бидејќи ние немаме пари да го платиме стажот, оти 12-13 години сме на улица. Тоа е олеснување во законот, од 1993-та година, од почетокот на транзицијата до крајот на 2013-та година, понатаму не можеме затоа што може да дојде до отпуштање на работници од фирми. Ова за оваа категорија ќе трае се до згрижување и на последниот стечаец, со тоа што со над 58 години возраст и жени и мажи да одат директно на обесштетување до пензионирање. (Тоа подразбира по 6 илјади денари месечно за да стечајците можат да ги подмируваат комуналните давачки). Оние што се 52 и 55 години државата да има право да ги вработува“, вели таа.
Во времето додека стечајците ги применуваа сите можни начини за да ги потсетат надлежните во државава дека се граѓани кои без своја егзистенција останале не по своја вина, дека се граѓани кои имаат семејства и право на достоинствен живот, а при тоа според нив, надлежните немаа слух, на големиот дел од нив здравјето им е загрозено, дел од нив посегнаа по своите животи,а и околу илјада починале.
„Имаме починати над илјада само во Куманово. Ни се случуваше во една седмица по тројца-четворица умираа. Секој состанок го почнувавме со оддавање почит. Страшно беше. Најмногу починаа во 2009-та и 2014-та година. Застрашувачки. Годинава од јануари до сега имаме 35 починати, меѓутоа имаме многу заболени, а и тие не можат да добијат пензија бидејќи не можат да ги соберат документите поради неажурноста на институциите. Така да, од сите страни сме сардисани, уценувани. Еве јас сум тужена, затоа што полицијата прави престап, тепаат стечајци пред Влада, сега јас сум на суд. Нека ме судат, јас немам ни од што да платам, нека ја пресметаат казната, ќе ја одлежам“, вели Ѓорѓиевска.
Дел од стечајците кои секојдневно се собираат во канцеларијата на „УНИТ“ за заедничко надминување на нивните проблеми, додаваат дека понекогаш се случува да најдат едно или дводневна работа, инаку животот без работа е неподнослив. Сепак, тие се оптимисти, оти како што велат што друго им преостанува.
„Никој не ме прашал дали имам или не. Затоа што Општината ми даде еднократна парична помош за да платам сметки за вода, ми ја укинаа социјалната помош од две илјади и 300 денари. Година дена немам ниту денар в џеб, шест члена имам дома, нема ни ту за леб,или млеко, а и жена ми е болна немам со што да ја лекувам.“
„Мислам дека е време нешто да се реши за нас.“
„Работев 37 години во ГП „Маврово“. Сега немам ништо. Фирмата требаше да ми даде отпремнина од осум илјади евра, тоа пропадна“, ги раскажуваат стечајните маки и додаваат дека единственото право што го имаат е правото да се надеваат дека овој пат предлог законот за обесштетување ќе допре до пратениците и ќе биде усвоен.
Од две илјади и 800 членови од 2003-та година од кога постои „УНИТ“ редовна пензија добиле само стотина стечајци, останатите земале инвалидска или семејна.