Народот дава, а народот и зема

Неделниците пишуваат за Извештајот на ЕУ за Македонија и за очекувањата на премиерот на извештајот на народот на изборите во април.

Глобус - Ѓон-образ

„Ѓон-образ“ е насловена колумната на Атанас Вангелов во најновиот он-лајн Глобус, во која го споредува и анализира поимот за луѓето со ѓон наместо образ за што како главен пример го наведува Вјечеслав Молотов, долги години втор човек по Сталин во советската тоталитарна империја, кој во 1934 година, заедно со Сталин потпишал дури 3 000 смртни пресуди во еден ден. Луѓето со ѓон-образ се лишени од чувството на вина - грижата на совест... а Молотов, во длабока и крепка старост плукањето од гневните московјани го сметал за освежувачки дождец - пишува професорот, и се префрла на нашава ситуација, па како директно да му порачува на Груевски: Кога си премиер на мала земја од некои 2 милиони жители; кога, по проценки на Светска банка, од земјата ти се иселиле дури 600 илјади луѓе во потрага по гола егзистенција; кога си направил тајна полиција која уредно ги снимала сите твои ујдурми како и оние на твојата тајфа; кога некој со стискавец и совест нашол начин тие снимени ујдурми да дојдат до ушите на истиот тој народец кому, во тек на деценија, си му вадел душа; кога, потоа, без трошка срам се повикуваш на истиот тој народец од кого бараш мандат за уште власт, ти си премиер - кандидат од прв ред за одбраното друштво на Молотов, порачува во својата колумна во Глобус Атанас Вангелов.

Република: Препораката преживеа - На ред е априлскиот народен извештај

„Препораката преживеа - На ред е априлскиот народен извештај“ - смета колумнистот во Република, Горан Момировски. За него не е важно што препораката од ЕК е условена, резервирана или одложена, важно било дека ЕУ смета дека Македонија е подготвена да започне преговори за членство. Она што е уште поважно, пишува Република, е што по добро организирани избори во април и по спроведување на барањата на Брисел, можеме да очекуваме Унијата конечно да признае дека многу згрешила во случајот со Македонија и дека ќе ја исправи грешката, изразува надеж колумнистот во Република.

Фокус - „Кристална ноќ“ во Македонија

Алузија со „Кристалната ноќ“ во Германија во 1938 година, кога Хитлеровите СА единици предизвикале масовно прогонување и убивање на Евреите и кршење и разурнување на нивните домови и дуќани, прави Младен Чадиковски во истоимената воведна колумна во Фокус во која наведува дека забавата во Македонија е завршена, а „Кристалната ноќ“ нема да финишира во општонароден бунт поради сплет на историски и културолошки концепти и поради јасната порака од Брисел за очигледна инволвираност на владини функционери во прислушувањата и за индициите за корупција во врвот, а како резултат на тоа договорот кој мора да се спроведе. Киселите насмевки проследени со демагошко лудило и бесмислици до бесвест денес се фолклор за забава на досегашното гласачко тело на преродбата, пишува воведничарот, па додава дека и нововработените многуилјадни душички на преродбата... се сосема свесни дека народот дава, а народот и зема. Затоа, повикувањето на „извештајот на народот“ е сосема содржински промашена тема која Груевски, Пешевски и Милошоски ја повторуваат како приучен рецитал на единствениот лост до кој се држи врхушката на власт. Да, тие сметаат на гласовите на уценетите луѓе чија единствена опција е партиската книшка како начин да се преживее „кристалната ноќ“ во македонската држава, порачува Фокус.