Безбедноста не зависи од пренесените овластувања

Прекинот на важноста на пренесените овластувања од новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски е организационо, а не безбедносно прашање.

Одлуката на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека престануваат да важат сите пренесени овластувања од министрите кои раководеле со МВР е за да се спречат сите злоупотреби, реагираше претпладнево СДСМ.

Тие се некои редовни задачи кои надлежните треба да ги спроведуваат во своите секојдневни функционални должности. Конкретно не се посочени кои се тие овластувања за да ние можеме да анализираме на што се однесува, но според мене тоа се однесува само на дел од тие овластувања што не се дел од нивните секојдневни задачи и обврски, туку нешто повеќе од тоа.
Стојан Славески, универзитетски професор.

„Нема никаков хаос во Министерството за внатрешни работи, туку воведување законски ред и обезбедување на целосно почитување на законите, транспарентното и одговорно работење на МВР во интерес на граѓаните“, се наведува во соопштението на партијата.

Спасовски вчера попладне, преку телеграма, ги известил сите раководни лица дека престануваат да важат сите пренесени овластувања од министрите кои раководеле со МВР до денот на изборот на новите членови на владата, односно до неговиот избор.

Ова предизвика силни реакции во дел од медиумите кои оценија дека е нарушена безбедноста на граѓаните, а поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук оцени дека се направил хаос во МВР.

Според адвокатот Јован Трпеновски, кој во социјалистичката држава беше и секретар за внатрешни работи, ваквите реакции за одлуката на Спасовски се претерани. Тоа е чисто организациона работа и упатство до вработените и не може да се поврзе со општата безбедност на државата, оценува Трпеновски.

„Системот на безбедноста практично не го гарантира само раководниот кадар во МВР, туку тоа е една композиција на овластувања што ги имаат почнувајќи од министерот, па до последниот долу што се грижи за безбедноста по улиците. За одредени ситуации овластувања си има друг раководен кадар кој не се споменува во телеграмата на министерот, односно има систем на одговорности и систем на хиерархија“, вели Трпеновски.

И професорот по безбедносен систем Стојан Славески смета дека по одлуката не можело да се заклучи дека е загрозена сигурноста во државата.

„Тие се некои редовни задачи кои надлежните треба да ги спроведуваат во своите секојдневни функционални должности. Конкретно не се посочени кои се тие овластувања за да ние можеме да анализираме на што се однесува, но според мене тоа се однесува само на дел од тие овластувања што не се дел од нивните секојдневни задачи и обврски, туку нешто повеќе од тоа“, вели Славески.

Спасовски денеска и со нова телеграма ги информираше вработените во МВР на што се однесува неговиот вчерашен допис со кој престанаа да важат овластувањата од поранешните министри за раководните лица во Министерството. Тој информира дека телеграмата се однесува на сите пренесени овластувања, освен овластувањата за донесување решенија, други управни акти и документи во управни работи, овластувањата за прием и заведување на актите во деловник и уписник и овластувањата за ракување со печати и штембили, кои ќе важат до донесување на нови решенија за пренесување на предметните овластуавања.

Инаку оваа одлука на Спасовски е прва по неговото стапување на функцијата. Тој во средата го презема министерството по девет години раководење на кадар од ВМРО-ДПМНЕ.