Достапни линкови

Моќна ДИК за фер избори


Сегашниот состав на ДИК.
Сегашниот состав на ДИК.

Новите членови на ДИК од редот нa експертите ќе бидат најважни, велат познавачите. Комисијата ќе има поголема надлежност и повеќе можности за прочистување на избирачкиот список и упатените не очекуваат проблеми при формирањето и работата на ДИК.

Тројца членови на Државната изборна комисија според измените на Изборниот законик ќе бидат експерти што треба да се пријават на јавен оглас. Токму од тие тројца, двајца според претходен договор на партиите ќе бидат предложени во собранието за претседателот и потпреседателот, а еден од нив треба да биде Албанец.

Сега балансот во носењето на одлуките ќе падне на тие три члена. Во однос на другите измени, според мене тие не се крупни и досега ДИК ги имаше тие овластувања, но дел се појаснети со тоа што може да врши увиди, да бара податоци кои се должни да и ги доставуваат во однос на избирачкиот список.
Александар Ниваковски, поранешен претседател на ДИК.

Роковите за огласот и изборот веќе течат, а од кога ќе се пријават кандидатите работата повторно ќе дојде во рацете на партиските претставници кои досега тешко и со пролонгирање на предвидените рокови се договараа за претходните обврски од пржинските документи.

Според професорот Мерсим Максути, сега договорот е веќе ставен во колосек од кој нема враќање така што не очекува толку големи закочувања како во случајот со специјалната јавна обвинителка или законот за влада.

„Можеби ќе излезе и проблем, но веќе ние се навикнавме на тешкотии во преговорите што се водат во однос на имплементација на пржинскиот договор, но на крај мислам дека пак ќе преовладува политичкиот разум“, вели Максути.

Во однос на другите шест членови на ДИК, тројца се по предлог на опозицијата, конкретно двајца по предлог на СДСМ, еден на ДПА и уште тројца по предлог на владејачките партии односно двајца од ВМРО-ДПМНЕ и еден од ДУИ. Ниту тие не треба да се членови на органи на политичка партија. Критериумите за експертите пак се подетални и од нив покрај тоа да не се партиски членови се бара и да не биле и не се носители јавни функции ниту пак јавни поддржувачи на политиките на власта или опозицијата, а да имаат стручни познавања и искуства во областа на изборите и изборните процеси.

За понатамошната работа на ДИК и можните закочувања токму тие тројца експерти ќе бидат најважни, оценува поранешниот претседател на комисијата Александар Новаковски.

„Не очекувам да има застој во работата на Државната изборна комисија и досега немаше голем застој, но имаше проблем во одлучувањето, во надгласувањето. Сега балансот во носењето на одлуките ќе падне на тие три члена. Во однос на другите измени, според мене тие не се крупни и досега ДИК ги имаше тие овластувања, но дел се појаснети со тоа што може да врши увиди, да бара податоци кои се должни да и ги доставуваат во однос на избирачкиот список“, вели Новаковски.

Конкретно зајакнати се и другите надлежности на Државната изборна комисија, па таа треба да усвои правилник за ажурирање на избирачкиот список по претходна согласност на четирите најголеми партии со кој може да предвиди да прави проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверка. Еднаш месечно треба да го ажурира избирачкиот список, а на секои шест месеци јавно да ги повикува граѓаните да извршат увид во своите податоци.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG