Финансиските истраги и законското право за конфискување на имот на осудени криминалци во пракса многу ретко се користат во Македонија како инструмент во борбата против корупцијата, забележува Европската комисија во извештајот за земјава. Во него е нотирано дека не е постигнат напредок во борбата против организираниот криминал и дека е неопходно во следниот период да се воспостави добра евиденција во борбата против перењето пари, да се подобри капацитетот и стручноста на луѓето кои водат истрага и да се воспостави системска основа по која ќе се конфискува имот.
За да имаме ние една ситуација после ова која што ќе се нормализира, да профункционира правосудниот систем, тоа мора да бидат и поригорозни казните во рамките на законот. Покрај времената казна затвор мора да биде запазен и материјалниот ефект.Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител
Специјалниот обвинител Катица Јанева неодамна најави дека ќе се обиде да ги врти во државата парите за кои постои сомневање дека се украдени.
Аналитичарите се со поделени ставови околу реалните шанси за вакво нешто. Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски е оптимист и верува дека и покрај досегашната пракса на недоволна искористеност на законската алатка за конфискација, треба да се очекува дека Јанева ќе го спроведе ова докрај.
„Јас мислам дека треба да се очекува, затоа што, од она што го слушнавме од материјалите, станува збор за голем имот и за многу дрски кривични дела извршени од високи раководители на власта. За да имаме ние една ситуација после ова која што ќе се нормализира, да профункционира правосудниот систем, тоа мора да бидат и поригорозни казните во рамките на законот. Покрај времената казна затвор мора да биде запазен и материјалниот ефект“, вели Трпеновски.
При отпочнување на кривичната постапка Јавниот обвинител може да предложи да биде донесена и времена мерка забрана на располагање со парични средства или друг имот, затоа што тоа е гаранција дека доколку стане правосилна пресудата за покренатото обвинение, да може во извршна постапка да биде одземен противправно стекнатиот имот.
Универзитетскиот професор Башким Селмани, во овој контекст смета дека во пракса е тешко да се конфискува или да се врати украден финансиски имот, затоа што голема е веројатноста осомничените за кривично дело досега да ги сокријат трагите.
„А фактички времето кое е отстапено на сторителите со нереагирање, уште повеќе ја отежнува самата постапка, затоа што одредени лица за кои има сомневања се функционери, а во однос на функционирањето и на нивната работа досега имале повеќе простор за да ги манипулираат и за да ги откријат или покријат аргументите кои му се потребни на јавниот обвинител “, вели Селмани.
Трпеновски смета дека кривичното гонење и конфискацијата на имот стекнат со криминал мора да одат едно со друго, затоа што без изрекување на мерката конфискација не се исполнува целта на кривичното гонење на осудениот кој се збогатил со криминал.
„Тие мора да одат паралелно, затоа што може некој да ја издржи изречената казна, а резултатите и успехот од извршеното кривично дело, материјалните добра да ги користи понатака, тоа не е целта на казнувањето. Целта на казнувањето е да почувствува и материјално дека треба нешто да плати за тој понатаму да служи како една генерална превенција и спрема него и спрема останатите. Затоа мислам дека изјавата на Катица Јанева е во ред“, вели Трпеновски.
Тој додава дека законот овозможува при отпочнувањето на кривичните постапки и со нивното правосилно завршување од Судот по барање на Јавниот обвинител да биде донесена одлука за одземање на стекнатата материјална корист.