Бегалскиот бран не стивнува

Волонтерите кои им помагаат на мигрантите велат дека во последно време пристигнуваат бегалци од посиромашните слоеви, на кои им треба помош.

Жени, деца, релативно млади мажи со ранци и торби излегуваат од такси возила со кои на Железничката станица Табановце, на граничниот премин со Србија, пристигнуваат од Гевгелија и забрзано, главно молчаливо, се упатуваат кон бараките, каде волонтерите им даваат вода, овошје, чај, по нешто од облека, медицинска помош. Некои, особено децата, седнуваат на земја и јадат јаболка. Се групираат тивко и гледаат во возот кој пристигнува.

Им пружаме помош во храна, пакети со вода, бебешки пакети, им топлиме вода за млеко. Главно се во критична состојба, сега пристигнуваат од пониските класи и им треба помош.
Сања Росовска, волонтерка.

Оние од возот не излегуваат, а нема турканици ниту за влегување. Има ли место за сите во возот кој бегалците од со војна зафатените земји, главно од Сирија, ќе заминат кон Србија, а потоа само со една мисла и желба, во Германија или некоја друга западноевропска земја. Не се комуникативни, а и тие што ќе се насмевнат кажуваат само од каде се. Еден бегалец вели дека е од Сирија, работел како новинар, патува сам, а името не сака да го каже поради неговото семејство што останало таму.

Волонтерите им помагаат. Велат дека во последно време пристигнуваат бегалци од посиромашните слоеви.

„Им пружаме помош во храна, пакети со вода, бебешки пакети, им топлиме вода за млеко. Главно се во критична состојба, сега пристигнуваат од пониските класи и им треба помош.“

РСЕ: Колку време се задржуваат тука?

„Не многу време, јадат, го користат тоалетот и заминуваат.“

РСЕ: Колку пати дневно пристигнуваат?

„Не знаеме, претпладне третиот воз. Не знаеме колку ќе има до вечер. Укажуваме прва помош по лице, вода, храна, хигиенски пакети, ќебиња, имаме служба за барање на спојување семејства.“

РСЕ: Каде најчесто одат?

„Сите велат дека одат во Германија“, вели волонтерката Сања Росовска од Скопје.

Низ што се поминале на далечниот пат и што ги очекува таму каде што тргнале, може само да се претпостави. Како и тоа дали навистина се убедени дека некоја друга земја сосема различна од нивната ќе им биде нов и подобар дом. Сепак, иако изморени, тие брзаат. Веројатно секоја нова станица е се поблиску до нивната крајната дестинација. А бранот не стивнува, и како што велат жителите од Табановце само кога се случува нешто невообичаено, на оваа железничка станица е така фреквентно.
Откако се поставени монтажните бараки и садови за отпад бегалците не фрлаат по патот и нивите. Не се задржуваат тука. Ги нема ниту жителите на маалото Сланиште, но летото расфрланиот отпад никој не го собира. И на слаб ветер се преместуваат пластични ќеси и шишиња. И кога ќе стивне бегалскиот бран, отпадот ќе остане како потсетник дека тука поминале илјадници луѓе од некои далечни земји.