Шест композиции од кои пет премиерно, напишани во изминативе нецели две години, ќе бидат изведени на првиот авторски електро-акустичен концерт на младата композиторка Ана Пандевска што ќе се одржи овој петок, на 30 октомври во 20 часот, во Музеј на Град Скопје. Во музиката во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова, а како гости ќе се појават нејзината колешка Ива Виденовиќ, Никола Велковски на хорна и гитаристот Ади Имери, се преплетуваат различни влијанија, тргнувајќи од импресионизмот, па се до панк-рокот, минимализмот, фолклорот и сè до џезот.
Тематиките за сите композиции се различни. Ќе можат да се слушнат и социјално-политички теми, меѓутоа и некои сосема поинакви, напишани под влијанија на импресионализмот како период, во некои ќе се преплетуваат влијанијата од џезот, фолклорот итн. Се надевам дека концертот ќе биде интересен за публиката затоа што ќе биде шаренолик.Ана Пандевска, композиторка.
Говорејќи за ова свое прво официјално авторско претставување, Пандевска знае да каже дека идејата ѝ била да презентираат нова музика. Дополнува дека притоа сосема случајно дошла соработката со пијанистката Иванова и дека таа всушност се развила во моментот кога го напишала делото „Дуња и Дарин“, инспирирана од видеата што ги постирала пијанистката од нејзиниот син кој на свои три години решава математички задачи, ги познава сите знамиња на државите, планетите. Фасцинирана од нивната врска, таа го напишала делото, за потем да се развие и потребата од ваков целовечерен концерт на кој ќе бидат изведувани актуелните творби.
„Тематиките за сите композиции се различни. Ќе можат да се слушнат и социјално-политички теми, меѓутоа и некои сосема поинакви, напишани под влијанија на импресионализмот како период, во некои ќе се преплетуваат влијанијата од џезот, фолклорот итн. Се надевам дека концертот ќе биде интересен за публиката затоа што ќе биде шаренолик“, вели Пандевска.
Дуња Иванова, пак, од своја страна вели дека нејзе ѝ е голема чест што Пандевска ја одбрала да биде еден од изведувачите на нејзиниот прв авторски концерт. Особено затоа што, како што вели, „таа е композитор кој се издвојува од останатите и нејзината музика остава еден длабок печат во историјата на македонската музичка уметност. Што во нејзините дела се испреплетуваат разни музики и сето тоа звучи навистина впечатливо“.
„Ана Пандевска е особено значајна за современото македонско музичко творештво од причина што таа црпи инспирации од секојдневните збиднувања, од општествените, од социјалните, од емотивните врски помеѓу луѓето, така што на овој концерт ќе се слушнат дела кои се исполнети со емоции и особено е значајно што некои од тие дела ги отсликуваат случувањата од нашата реалност. Така на пример „Живот во кутија“ е композиција којашто е посветена на случајот на новинарот Томислав Кежаровски, или, пак, има една друга која е инспирирана од крвавите настани во Куманово и тоа се без двојба силни, набиени емоции што публиката ќе има можност да ги почувствува и да ги толкува на свој сопствен начин“, вели Иванова.
Во однос, пак, на својата ангажираност, Пандевска појаснува дека уметниците од која било творечка област треба да бидат најголемите критичари на општествената стварност во која што живеат.
„Да се биде ангажиран уметник пред сè значи да се има сопствен став и искрено уверување. Искрено се радувам што сѐ поголем е бројот на уметници-критичари што имаат храброст преку уметноста слободно да го кажат своето мислење за сѐ она што сите нас нè засега. Нè тишти. Од друга страна, тажно е што ним веднаш им се лепат етикети на одредена политичка опција. Ги ставаат во фиоки. Јас дефинитивно им припаѓам на оние чиј став е дека уметниците имаат обврска и општествена одговорност преку своето творештво да ја бележат историјата на својот народ“, вели Пандевска.
И, кога сето ова е познато, речиси и да не чуди фактот што зад авторскиот деби концерт на композиторката застанаа само нејзините пријатели и музички собеседници.
„Се обидов концертот да го сместам во рамките на неколку фестивали, но бидејќи беше одбиен не ми преостануваше ништо друго туку музиката што во изминатата година ја пишував по секоја цена да ѝ ја претставам на публиката. Затоа се решив да дадам сè од себе и сама да го организирам концертот. Цела среќа што тука беа изведувачите и се нафатија да свират без хонорари, потоа го добив пијаното од колегите во СОКОМ, за салата ми се најде директорот на Музејот, некои добри луѓе ми помогнаа за плакатот и за да ја отпечатиме програмата и без каква било помош од државата еве го затворивме кругот со концерт за кој влезот за публиката е слободен“, вели таа.
Кон ова писание и уште малку фактографија. Родена 1985 година во Скопје, Ана Пандевска студиите по композиција на Факултетот за музичка уметност ги започнала во класата на професор Гоце Коларовски. По неговата ненадејна смрт продолжила кај професор Јана Андреевска во чија класа дипломирала во 2010 година. Непосредно потоа волонтирала во Националната установа „Танец“, а подоцна работела и како наставник по пијано во „Credo school of music“ и била долгогодишен член на повеќе хорски состави меѓу кои и Пиколо и Света Злата Мегленска. Пандевска рано пројавува интерес за вокалната музика, фолклорот и џезот што се чувствува како инспирација во дел од нејзините композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електро-акустичната музика што ја твори. Како редовен член на СОКОМ добитник е на три награди за класична композиција, а нејзините композиции редовно се изведуваат на фестивалот „Денови на македонската музика“, како и на концерти во САД, Србија, Словенија, БиХ, Македонија. Таа е автор е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела, а неодамна дел од нив изведе и ансамблот за современа музика „КонТемпора“ на концертот насловен како „Е-кустика“.
Дуња Иванова е родена 1985 година во Скопје. Магистрирала на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано, а неодамна докторира и на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставила во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки; настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на современите творци како Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди и Арво Перт. Учествувала со свои трудови од областа на музичката теорија и практика на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ - Скопје и е автор на книгата „Естетското доживување на музиката“ (2010) и на публикациите ,,Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).