Десетчлено семејството од Охрид може да остане на улица

Десетчлено семејството Демо од Охрид мора да се исели од државната барака бидејќи во неа биле вселени нелегално. На прагот на зимата велат дека не знаат каде да одат.

Десетчленото семејството Демо од Охрид на прагот на зимата стравува дека ќе мора да се исели од државната барака во која живее неколку години, затоа што според надлежните услови за живот таму повеќе немало. Бараките биле пред распаѓање и без електрична енергија. Овие луѓе нема каде да одат, а таткото Илбер Демо, вели дека не знае што да прави. Дел од ова семејство се осум малолетни деца, од кои најмалото има само два месеци, а како што кажува таткото три од нив биле болни поради што два пати во годината ги носел на детската клиника во Скопје, што за него претставувало дополнителен трошок. Пред неколку дена од ЈП за Стопанисување со станбен и деловен простор добиле известување дека во рок од осум дена ќе мора да ја напуштат бараката.

Каде да одам јас сега во ова зимно време како што ми даваат рок овие. Не знам што да правам. Си седам со децата и мислам каде да одам сега. Примам социјална помош од овој месец само 6.700 денари.
Илбер Демо од Охрид.

„Каде да одам јас сега во ова зимно време како што ми даваат рок овие. Не знам што да правам. Си седам со децата и мислам каде да одам сега. Примам социјална помош од овој месец само 6.700 денари. Од приходи друго ништо не примам. Одам со количкава собирам шишиња заедно со моите деца. Доаѓам овде и секој ден сум се повеќе и повеќе разочаран. Барам работа бидејки сакам и јас како другите наутро да станам и да одам на работа. Барам во бирото работа - ми велат дека нема“, вели Демо.

Но директорот на ЈП за Стопанисување на станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, вели дека ќе им биде даден дополнителен временски период да се снајдат.

„Станува збор за лице кое се вселило на диво кое што барал да се стекне со правото да биде носител на станарското право, но не ги исполнува условите. На 15.06.2015 година обратени се до комисијата за станбени прашања при Владата на Македонија. Комисијата при владата не му дала согласност да живее во овие бараки, бидејќи условите се субстандардни, бараките се руинирани. Во изминатите 4-5 години семејството се известени дека не ги исполнуваат условите за пренос на станарското право. Во претходниот период таму живееле друго семејство. При починување на личноста која го имала станарското право, на диво се вселуваат“, вели Грозданов.

Грозданов ги повикува надлежните државни институции да се вклучат во решавање на проблемот на ова охридско семејество.

„Јас укажав на социјалните мрежи дека е во ред е да се подигне свеста на граѓаните дека треба да се помогне на ова семејство и тоа е за поздравување. Но треба да се најде вистинската форма и начин. Ние како акционерско друштво не можеме тоа да го изнајдеме. Јас жалам што луѓето кои имаат осум деца дека би требало да бидат иселени за осум дена. Но нема да бидат иселени за осум дена. Она што можам да го направам е да апелирам до комисијата при Владата на Македонија, Министерството за транспорт и врски доколку се изнајде можност овие лица да се згрижат“, рече Грозданов.