Замислен како интегрален дел од долгорочната платформа „Културни приказни“ на Делегацијата на Европската унија и ЕУ Инфо центарот, „Европски современи композитори“ е проект чија главна цел е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии, нудејќи нови деловни модели и друго.
Целта на проектот не е само да ги презентира нивните композиции, туку и јавноста да има можност да се сретне со авторите и да поразговара за музиката и воопшто да разбере како е тоа да се опстои во денешно време и да се компонира музика која што не е наменета за широката популација.Бранка Костиќ – Марковиќ, музиколог.
Проектот се спроведува во тесна соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ во земјава, Сојузот на композиторите на Македонија, ансамблот „КонТемпора “ и Бранка Костиќ-Марковиќ, истакнат музиколог и член на СОКОМ, во улога на партнер и координатор.
„Е-кустика“, пак, е насловен првиот од серијата концерти што во рамките на „Европски современи композитори“ е планирано да се одржи на 20 октомври, во 20 часот, во Даут Пашин амам, во Скопје, во рамките на актуелниот фестивал „Златна лира“.
На него музиката на Борис Беземер од Холандија и Гирилал Баарс од Шведска, како и на нашата Ана Пандевска, ќе ја изведат членовите на ансамблот за современа музика „КонТемпора“.
Беземер е современ композитор чии дела балансираат помеѓу структурата и случајноста, пресметливоста и непланираноста, замислата и импровизацијата, а Баарс е композитор, вокалист и импровизатор кој работи на полето на електроакустичната композиција и изведба, како и на истражувањето и изведбата на фолклорната вокална музичка традиција. Последните неколку години тој се фокусира на поврзувањето на традиционалната вокална музика и современата електроакустична музика, како и на изведбата на жива вокална музика со електроника.
Од друга страна, Ана Пандевска (студиите ги започнала кај професор Гоце Коларовски, а дипломирала на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Јана Андреевска) твори современи дела инспирирана од повеќе извори како македонската традиционална звуковност, џезот, панк-рокот и електроакистучната музика. Автор на композиции за соло инструменти, камерни ансамбли, хор, симфониски оркестар и електроакустична музика, а нејзините композиции, освен на домашните сцени, досега се изведувани во САД, Србија и во Словенија.
„Целта на проектот не е само да ги презентира нивните композиции, туку и јавноста да има можност да се сретне со авторите и да поразговара за музиката и воопшто да разбере како е тоа да се опстои во денешно време и да се компонира музика која што не е наменета за широката популација“, истакнува Бранка Костиќ – Марковиќ.
Во овој контекст предвидени се и две придружни активности. Првата е работилница со студентите по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје со двајцата гости - композитори Беземер и Баарс, кои ќе се обидат да го пренесат своето искуство за подобро разбирање на нивното творештво и современата музика, воопшто, но и да им ги доближат композиторските пракси и специфичните техники на изведба на современата музика. Вториот настан, што ќе се одржи на 20 октомври во 12 часот во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, е популарно предавање на тројцата композитори на тема: „Како да се живее од сопствената креативна работа – ЕУ искуства во служба на малите земји“.
Инаку, покрај „Е-кустика“, првото издание од серијата „Европски современи композитори“, веќе закажани уште две – концертот со наслов „Звуците на духовноста“ кој е планирано да се одржи во ноември во рамките на „Есенски музички свечености, а кој во целост му е посветен на творештвото на современиот композитор од Велика Британија, Мелколм Дедман и декемврискиот перформанс насловен како „Џезембер“, кој обединува творби од тројца композитори од Италија, Шпанија и Македонија, чие творештво е во духот на џезот.
„Очекуваме, како што во една прилика ќе каже Феручо Буџони, само со долга и внимателно планирана низа експерименти и со постојана вежба на увото, на слухот на слушателите, овој непознат материјал на современиот музички израз да стане достапен и податлив за идните генерации но и за уметноста воопшто. Очекуваме да бидат пренесени европските искуства на македонско тло, односно на тој начин на македонската публика да ѝ ги доближиме тамошните вредности со директна средба и со директно восприемање на делата, зашто имаме многу изведувачи коишто гостуваат во Македонија, тие се главните ѕвезди, но еве сакаме да ги видиме и композиторите на самото место да го образложат она што го творат и само на тој начин оваа современа музика за која се смета дека секогаш е бауч ќе му стане поблиска на обичниот слушател“, заклучува Костиќ – Марковиќ.
Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ е формиран во 2014 година од страна на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, со цел да изведува и промовира нови дела од македонски автори. Идејата за создавањето на ансамблот се наметна како резултат на неодминливата потреба за пополнување на празнината во македонската современа музичка култура и да се направи простор за формирање на камерен состав кој ќе делува исклучиво на полето на современата музика, премиерно изведувајќи дела на македонски композитори, но и на автори од различни делови на светот. Ансамблот е составен од дваесет инструменталисти, секој од нив со значително искуство во изведбата на современата музика. Во зависност од репертоарот тие делуваат во различни инструментални формации, а на „Е-кустика“ ќе свират Владимир Лазаревски – обоа, Владимир Чадиковски – гитара, Горан Јанев – хорна, Влатко Нушев – вибрафон, Весна Ангелова-Христов – клавир, Владимир Костов – виолина, Симон Поповски – виолина, Бојан Талески – виола, Паскал Краповски – виолончело и Петруш Петрушевски – контрабас.