Советот на јавни обвинители го преполови тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Од вкупно 14 предложени помошници обвинители избрани се само седуммина. Јанева најави дека и со преполовен тим ќе почне со работа по давањето заклетва, иако се надева дека оваа одлука, која не е конечна, наскоро ќе биде сменета и ќе го добие бараниот тим.
Советот со ова го прекрши законот за специјалното јавно обвинителство и го узурпира самиот договорот од Пржино.Катица Јанева, специјален јавен обвинител.
Претседателот на советот Петар Аневски изјави дека причината за одлуката на советот лежи во недостатокот на кадар во останатите обвинителства.
„Јас алармирав, реков немаме луѓе, Јавното обвинителство е пред колапс, одделни обвинителства, некои се подобри, но некои дното го достигнаа и ова сета состојба предизвикува дека моравме да намалиме и тука. Ова не е ново, го кажав во парламентот и во 2014 и во 2015 година. Ова е стара работа, стар проблем и нема што тука, ништо ново не кажав денеска“, рече тој.
Јанева за одлуката дозна заедно со новинарите и изјави дека нема да поднесе оставка.
„Советот со ова го прекрши законот за специјалното јавно обвинителство и го узурпира самиот договорот од Пржино“, рече таа.
Како дел од тимот на Јанева ќе бидат Марија Ѓорѓева, Елизабета Јосифовска, Љубомир Лапе, Стевчо Донев, Фатиме Фетаи, Лејла Кадриу и Бајрам Рустеми.
„Од обвинителството, како што слушнав и јас, дека од скопското ниту еден не е избран, а е избран од Гостивар, а велат дека има многу предмети. Зошто Елизабета Јосифовска е избрана, ако во Гостивар има заостаток, зошто Бети ја избраа?“, вели Јанева.
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски негира дека обвинителите биле досега тивки за лошите услови во кои работеле и дека од Владата ќе бараат пари колку што бара Јанева за нејзиниот тим. Тој смета дека со оваа одлука не се крши законот за специјален обвинител и додава дека во Јавното обвинителство постои незадоволство за формирањето на специјално обвинителство како и за финансиските побарувања на Јанева.
„Ако некој донесе одлука, политичка одлука да формира политичко обвинителство, јас се гордеам што ние не сме политичко обвинителство, а политичкото обвинителство нека си постапува. Ако вие имате политички договор за некоја личност спротивно на сите правила и носење на закон спротивно на сите законски правила во републиката, тогаш сметам дека тоа е политичко“, рече тој.
Зврлевски додаде дека Јавното обвинителство ќе поднесе иницијатива на Уставен суд за забелешките околу специјалното обвинителство.
Јанева, пак, истакна дека не очекувала сè да оди мазно, но планира и со половина тим да работи.
Аневски оцени дека во плановите на Јанева имало чудни барања.
Во однос на финансискиот план, Советот на јавни обвинители само го разгледал, а крајниот збор ќе го има Владата.