По нередите во Приштина ослободен Албин Курти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

По нередите во Приштина ослободен Албин Курти

Косовскиот опозициски политичар Албин Курти е ослободен од притвор во текот на изминатата ноќ откако дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираа поради неговото апсење. Во нередите имало запалено и неколку возила на Државното обвинителство на Косово.

Облаци од солзавец ги исполнија улиците на Приштина во напорите на полицијата да ги одврати неколкуте стотици луѓе кои почнале да фрлаат камења врз главната полициска станица, барајќи ослободување на Албин Курти, пратеник во парламентот и основач на опозициското движење Самоопределување.

Лидерот на ова движење Висар Имери, апсењето на Курти го нарече киднапирање.

По повлекувањето од пред полициската станица, учесниците на протестот ја скршиле влезната врата на паркингот на Демократската партија на Косово.

Косовскиот опозициски политичар Албин Курти

На апсењето на Курти реагираше и пратеникот на Самоопределување Илир Деда кој ги повика премиерот Иса Мустафа и заменик премиерот Хашим Тачи веднаш да го ослободат, бидејќи во спротивност сегашните тензии би можеле да доведат до несогледливи последици.

Ве повикувам да не запрете се додека не го спречиме создавањето на српската заедница.
Албин Курти, опозициски политичар на Косово.

Косовската полиција соопшти дека постапувала по налог на надлежното обвинителство и го привела на влезот на Собранието по што го спровела на испитување во полициска станица.

До неговото приведување дојде откако во минатата недела во косовскиот парламент тој активира солзавец што ги принуди пратениците да ја напуштат салата.

Тој ова го сторил во знак на протест против договорот меѓу Приштина и Белград, постигнат со посредство на Европската унија со кој има се дава поголема локална автономија на српските заедници на Косово.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година со поддршка на Западот.

До тоа дојде скоро една деценија по воздушните напади на НАТО. Косово е признато од стотина земји, но не и од Србија и Русија.

Европската унија оценува дека сегашниот договор меѓу Белград и Приштина ќе придонесе за стабилност на Балканот.

Меѓутоа, Албин Курти оценува дека тој договор претставува закана за тешко извојуваната косовска независност.

Откако синоќешните нереди стивнаа, Курти пред парламентот им се обрати на своите поддржувачи, при што ја обвини полицијата дека била ставена во „служба на дневната политика“.

„Ве повикувам да не запрете се додека не го спречиме создавањето на српската заедница“, изјави тој во врска со Заедницата на етничките српски општини на Косово, кои ќе имаат поголема контрола врз локалната самоуправа.

Деведесет проценти од скоро милион и 800 илјади жители на Косово се етнички Албанци.

Партијата на Курти со која тој официјално не раководи ја попречува работата на парламентот како протест против овој договор. Претходно во парламентот беа фрлани јајца врз премиерот Мустафа.