Светна струја во училиштата во Струга

Основното училиште Браќа Миладиновци во Струга.

Основните училишта во Струга де немаат струја, де нафта и дрва за огрев, имаат и проблем со превоз на ученици. Причините се лоцираат во малите блок дотации од државата кои се само за плати на вработените.

Струшките основни училишта по четири месеци добија струја, откако ЕВН и градските власти се договорија за исплата на сметките за електрична енергија. Од компанијата очекуваат дека Општината ќе го испочитува договореното и ќе го плати целиот долг за да не дојде повторно, како што велат, до прекини во снабдувањето.

Во моментот нашето училиште не може само да ги подмири долговите за струја, бидејќи работиме со блокирана жиро сметка и не можеме да отвораме ниту тендер, ниту друга работа. Ние со блокирана сметка сме од 2012 година.
Шќелким Алиу, директор на основното училиште Браќа Миладиновци во Струга.

Но образованието во Струга изминатите години се соочува со сериозни проблеми. Минатата зима тоа беа проблемите со недостатокот на нафта, а оваа година исклучената електрична енергија. Овде е и проблемот со превозот на ученици. Превозници не вршат превоз поради неисплатените обврски кон нив изминатите години. Тоа, според добро упатените, е поради блокираните жиро сметки на училиштата, кои не можат да ги исплаќаат долговите, не можат да распишуваат тендери за избор на превизници или за набавка на нафта.

„Нашите искуства говорат дека првата година 2013-2014 нашето училиште трошеше 22,5 тона нафта. Втората година потрошивме 27,5 тони нафта. Минатата година потрошивме 64 метри кубни дрва“, вели Шќелким Алиу директор на основното училиште Браќа Миладиновци.

РСЕ:Може ли училиштето само да ги подмири долговите за струја?

„Во моментот нашето училиште не може само, бидејќи работиме со блокирана жиро сметка и не можеме да отвораме ниту тендер, ниту друга работа. Ние со блокирана сметка сме од 2012 година“, рече Шќелким Алиу директор на основното училиште Браќа Миладиновци.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Струга, Сурија Рушити, на неколку наврати до сега изјави дека блок дотациите кои стигнувале од страна државата не биле доволни за основните потреби на училиштата и оти најголем дел од нив оделе за плати на вработените, додека помалиот дел останувале за превоз и огрев. Инаку долгот на училиштата во Струга е околу еден милион евра.

Димче Шипинкароски потпретседател на Советот на родители во училиштето „Браќа Миладиновци“ се надева дека проблемот со електричната енергија повеќе нема да се повтори. Како претставник на родителите вели дека е потребно да се реши и проблемот со превозот на ученици.

„Има рекации бидејќи родителите се револтирани. Некои ги носат децата со сопствен превоз, некои плаќаат такси, и тоа е дополнителен трошок, а треба да го обезбеди државата. На секој состанок една од точките е и таа. Јас имам информации од директорот дека во делот на набавка на дрва и нафта дека се потпипшани договори и дека нема да има проблем“, вели Шипинкароски.

Атанас Ковачевски портпарол на ЕВН рече дека не прават разлика помеѓу училиштата и останатите корисници кога се работи за неплаќање на долговите.

„Жално е кога образовните институции и училиштата остануваат без електрична енергија. Но она што е, е дека училиштата најчесто не успеваат да ги платат сметките за потрошена електрична енергија дури и по цела година. Потоа се трупаат долговите од година во година, па потоа општините најчесто ги преземаат долговите. Сакаме да помогнеме и во образованието, но сите корисници кога се работи за неплаќање на долговите се еднакви пред правилата и пропосите“, вели Ковачевски.