Македонско минско поле

Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Група на луѓе одлучила да избрише колективна меморија на народот која ги содржи сите нивни гнасотилаци кои му ги направиле токму на тој народ. Да забрани да се сеќава дека украле неколку изборни циклуси по ред, дека убивале луѓе без да сносат одговорност, краделе државни пари, си играле со судбините и иднините на сопствените граѓани, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во очи на еден од најголемите државни празници, 11 Октомври, ние се соочуваме со фашизам од сопствено производство. Како да не сме извлекле поуки, ниту научиле лекции, од борбата за ослободување од фашизмот и од скоро безболното стигнување до независна држава. Не знаеме да го цениме, ниту да го чуваме тоа што е наше, без да се доведеме во ситуација од готово да правиме вересија.

Група на луѓе одлучила да избрише колективна меморија на народот која ги содржи сите нивни гнасотилаци кои му ги направиле токму на тој народ.

Едниот од најфашистичките чекори и обиди да се затвори мозокот на народот, да му се одземе меморијата беше обидот да се забранат бомбите. Група на луѓе одлучила да избрише колективна меморија на народот која ги содржи сите нивни гнасотилаци кои му ги направиле токму на тој народ. Да забрани да се сеќава дека украле неколку изборни циклуси по ред, дека убивале луѓе без да сносат одговорност, краделе државни пари, си играле со судбините и иднините на сопствените граѓани.

Правдањето кое го слушаме од нивна страна е за да се заштити приватноста на тие кои биле прислушувани, што е крајно примитивно и глупаво оправдување. Прво и основно, не ни смееле да прислушуваат. Зошто го правеле тоа? За да имаат снимки во фиоки за во иднина да ги уценуваат тие кои нема да се држат до политичко-криминалните договори од типот „на ти го, дај ми го“.

Следниот елемент од фашистичкиот обид за забрана да се мисли и сеќава е обидот да се вметне ретроактивност на законот. Уставот вели дека еден закон може да биде ретроактивен ИСКЛУЧИВО ако е во интерес и за доброто на граѓаните. Овој закон за забрана на објавување на нови и реобјавување на старите аудио снимки нема никаква допирна точка со интересот и доброто на граѓаните, туку само и исклучиво на дебелите мачори кои седат во собраниските и владините фотелји. Ретардираниот момент на барање законот да биде ретроактивен е само паничен чекор да се сокрие нечистиот долен веш кој излезе на видело. Невозможно е да се избришат сите текстови, снимки, коментари, критики, вицови, сè што е поврзано со бомбите. Да не мислат дека полицајците ќе стојат на улица и ќе чекаат некој да каже „шупраиш“ па да го уапсат? Дека ќе имаме онлајн полиција која ќе копа по порталите и личните профили на луѓето да бара кога и како ги објавиле или критикувале бомбите? Ни Ердоган, кој го забрани Јутјуб, не може да спроведе таква интернет диктатура.

Тврдењата дека тој закон, заедно со законот за заштита на таканаречените свиркачи или оние кои пријавуваат криминал и корупција, веќе биле договорени во рамки на преговорите е само аминување без да се размисли еден битен момент. Тие четири дебели мачори кои преговараат во името на народот и за иднината на народот се избрани токму од тој народ. Должни му се на народот и треба да работат исклучиво во негов интерес и никогаш не смеат да заборават дека поради нивните гласови се наоѓаат таму каде што се. Треба да престанат реализирањата на ветувањата за вработувања, нови патишта, училишта, водоводи, покачувања на плати и пензии да ги претставуваат како нешто за кое ние треба да бидеме благодарни и да ги дигаме во небеса. Тоа е нивна работа, а не нешто кое ни го даваат поради тоа што се милосрдни кон нас. Таквите демагогии и себични изјави ќе ги слушаме и овој 11 Октомври и сите наредни празници сè додека не се потрудиме ние да ја смениме плочата и тој што ја врти. Оваа ситуација зависи исклучиво од нас и сè што ни се случува се случува поради тоа што сме го дозволиле. Време е за нова плоча.

Ставовите на авторот на оваа колумна не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на Радио Слободна Европа на македонски јазик.