Предлог-законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, денеска беше повлечен од страна на неговите предлагачи пратениците Талат Џафери и Крсто Муковски.
Успеавме засега да надминеме голем дел од проблемите што ги имавме минатите денови за многу теми за кои разговарамве каде често имаше големи поделби меѓу различните страни. Тоа секако е причината поради која сум тука, да најдеме решение за сите проблеми. Од тоа што се случи денеска можеме да заклучиме дека барем за изборниот законик има добар напредок.Питер Ван Хауте, олеснувач во преговорите.
Во Клубот на пратеници, пак, во тек се преговорите на работната група за спроведување на договорите од Пржино поврзани со изборните измени. Вечерва белгискиот посредник во Питер Ван Хауте најави дека договор може да се очекува во раните утрински часови. Претходно, пак, тој изјави дека не е песимист како што бил до пред само неколку часа. Неговата изјава следуваше откако по речиси цел ден препирки за повлекувањето на предлог законот за забрана на т.н. бомби и неговата средба со предлагачот Талат Џафери во македонското Собрание се врати во Клубот на пратениците каде што претставниците на опозиција одбиваа да продолжат со преговорите за изборните измени ако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не го повлечат спорниот закон.
„Успеавме засега да надминеме голем дел од проблемите што ги имавме минатите денови за многу теми за кои разговарамве, каде често имаше големи подлеби меѓу различните страни. Тоа секако е причината поради која сум тука, да најдеме решение за сите проблеми. Од тоа што се случи денеска можеме да заклучиме дека барем за изборниот законик има добар напредок“, рече Ван Хауте.
Што се однесува до законот за забрана на т.н. бомби, според посредникот тој треба да се врати во работната група која до 20 октомври ќе се договори за неговата содржина заедно со законот за т.н. свиркачи.
И амбасадата на Соединетите Американски Држави попладнево преку соопштение наведе дека работната група за спроведување на договорот од Пржино синоќа постигнала напредок за прашањата поврзани со изборите и се договорила повторно да ги продолжи разговорите денеска.
„Партиите исто така, се договорија прашањето за предложеното инкриминирање на објавување на нелегално стекнати информации да го покренат во работната група, да разгледаат такво можно законско решение во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи и овие прашања да ги решат пред 20 октомври. Овие закони отвoраат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски на Македонија", наведуваат од амбасадата.
И евроамбасадорот Аиво Орав пред продолжението на разговорите изјави дека има напредок во преговорите и оти очекува до вечерва да биде постигнат и договор. Партиските претставници седнаа повторно на маса по цел ден меѓусебни обвинувања за тоа кој бегал од договор. Според Антонио Милошоски СДСМ го искористиле вчерашното поднесување на законот за необјавување на прислушувани материјали како одреден изговор за застој во преговорите.
„Но откако се договоривме тој закон да биде отворен и за дополнително обработување амандмани од страна на опозицијата да се разгледа заеднички, да биде истовремено разгледуван и со одредени закони преземени како обврска од ХЛАД поврзани со тн. свиркачи тогаш се откочи расправата за Изборниот законик, но заглави на првата точка и најважната за СДСМ, а тоа е прочистувањето на Избирачкиот список“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, пак, претсетдателот на СДСМ Зоран Заев ги обвини ВМРО- ДПМНЕ за одолговлекување на преговорите.
„Еве разговараме на тема по јавниот обвинител за изборно законодавство што и да договориме тие може паралелно да пуштат нов закон, мнозинство се во парламентот и апсолутно нема смисла какво било преговарање така што овој закон мора да биде повлечен за да се даде шанса да се продолжи согласно динамиката и роковите другите теми на разговор 15 веќе наближува мораме и медиумите да ги договориме, 20 имаме техничка влада, може ќе има законски промени за надлежностите пред се на замениците министри со право на вето или слично, следува и правосудството многу теми се пред нас“, вели Заев.