Законот за необјавување на бомбите е морбиден. Тој е поморбиден и од Законот за лустрација со кој што е предвидена можноста да се лустрираат и починатите лица. Ова го изјави универзитетскиот професор Светомир Шкариќ кој оцени дека со решенијата во предлог-законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали што во Собранието вчера попладне го поднесоа пратениците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, темелно се повредува Уставот и цел сет на слободи и права гарантирани со членот 16.
Законот најотворено арогантно ја заговара цензурата која изречно е забранета со Уставот. И се забранува каков било говор, какво било пишување на сè што може да произлезе од снимките. Е тоа е невидено во областа на уставните права.Светомир Шкариќ, универзитетски професор.
Според него прво се повредува слободата на мислата, бидејќи со законот се забранува секаков говор за објавените снимки. Како што коментира професор Шкариќ предлог-законот е обид на власта да се заборави во јавноста тоа што се објавува во рамки на проектот „Вистината за Македонија“.
„Овој предлог-закон ако стане закон со право ќе може да се оцени како еден од најморбидните закони што се појави од осамостојувањето на Република Македонија. Со други зборови треба да се заборави тоа што го објавуваме во рамки на проектот „Вистината за Македонија“, како да не се случило. Значи тој факт како факт треба да исчезне значи не смее да се помисли некој да зборува за тие настани. Очигледно е дека предлагачот, а тоа се двајца претставници од двете владеачки партии се во голема паника. Едноставно не знаат што предлагаат“, вели Шкариќ.
Тој предупреди дека предлог-законот директно ја ограничува слободата на говорот, оценувајќи дека со ограничувањето и на правото да се пишува за тие настани се ограничуват и новинарските слободи и се нанесува тежок удар на новинарската професија.
Регистрирани се две оставки на министри и на директорот на УБК. Тие ќе имаат право на надомест на штета. Наместо да бидат казнети ќе бидат наградени, а оние што придонесоа за нивно сменување ќе бидат казнети со драконски казни.Светомир Шкариќ, универзитетск професор.
„Законот најотворено арогантно ја заговара цензурата која изречно е забранета со Уставот. И се забранува каков било говор, какво било пишување на сè што може да произлезе од снимките. Е тоа е невидено во областа на уставните права“, вели тој.
Законот има и уште едно друго лице што е мотивирано од потребата да се заштитат носителите на јавната власт, дополнува професор Шкариќ, посочувајќи дека со решенијата се предвидува секој што ќе зборува за снимките ќе пишува или ќе коментира да биде казнет со најмалку четири години затвор. Исто така, ако некој почувствувал последици од снимките, законот предвидува тие да имаат можност од надомест на штета.
„Регистрирани се две оставки на министри и на директорот на УБК. Тие ќе имаат право на надомест на штета. Наместо да бидат казнети ќе бидат наградени, а оние што придонесоа за нивно сменување ќе бидат казнети со драконски казни“, вели Шкариќ.
Инаку во образложението на предлог - законот стои дека законот е заснован на Уставот и законите. Тоа не е точно, вели Шкариќ кој посочува дека едно од основните начела на уставноста е уставната вредност на човековите слободи права. За овие слободи,како слобода на мисла, слобода на говор, јавно изнесување на мисла, потоа слободен пристап до информациите и нивно пренесување до граѓаните, тие слободи и права така регулирани со Уставот не може така да бидат ограничувани со законот. Тоа е антиуставно, регира Шкариќ.
Тој посочува дека во исто време предлог-законот не може да биде заснован на законитоста, како што стои во образложението. Законот може да биде заснована само врз основа на Уставот. Очигледно предлагачите не ги разбираат таквите категории и прават такви лупинзи, коментира професорот.
Идејата за забрана на „бомбите“ истовремено е и против Европската конвенција за човекови права, посебно против одредбите со кои се регулира новинарската професија и слободата на пишаниот збор. Шкариќ потсетува дека Европскиот суд за човекови права не дозволува никакво филтрирање на вестите, оценувајќи дека овој закон е типичен филтер на снимките што ги објави опозицијата.
„Ништо не смее да види бел ден. Тука законодавецот, односно владејачките партии се тој филтер што сакаат да го пропуштат само тоа што е од нивни интерес, а не од интерес на граѓаните и што значи јавен интерес. Европскиот суд за човекови права не дозволува ниту цензура, а уште помалку дозволува заштита на носителите на власта“, нагласува Шкариќ.